Оџаклиеска на настан за одбележување на 2 февруари, Светскиот ден на водните живеалишта

Zamenik_Odzaklieska_sostanok 02.02.2022Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, имаше поздравен говор на настанот „Кон подобро управување со Охридското Езеро, Студенчишкото Блато и Белчишкото Блато“, што по повод 2 февруари – Светскиот ден на водните живеалишта, се одржа денес во с. Белчишта, општина Дебрца.

Истакнувајќи го значењето на водните живеалишта, заради нивната улога во складирањето на јаглеродниот диоксид од атмосферата, како едни од најранливите екосистеми на негативното влијание на климатските промени, заменик министерката нагласи дека е потребно континуирано спроведување на активности за нивна заштита, конзервација и ревитализација со цел да се сочува нивната природна благотворна улога за екосистемите.

- Охридското Езеро, како еден од најзачуваните и најрепрезентативните објекти на природата во нашата држава, со голем број на значајни природни живеалишта и диви и ендемски видови од национално и меѓународно значење, секако заслужува големо внимание и висок степен на заштита. Затоа, во рамки на тековниот ГЕФ/УНЕП проект “Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето” беа изработени Студија за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро, како и Нацрт-План за управување со Споменикот на природата – Охридско Езеро. Се очекува во следниот период да се започне со постапка за репрогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје. Особено внимание заслужува и Белчишкото Блато, како важен блатен екосистем со присуство на живеалишта и видови од национално и меѓународно значење. Уверена сум, дека извршената валоризација на природните вредности на Белчишкото Блато наскоро ќе овозможат и понатамошни активности за негово прогласување за заштитено подрачје – рече заменик министерката Оџаклиеска во своето обраќање.

Нашата земја ја ратификуваше Конвенцијата за водните живеалишта од меѓународна важност, особено за водните птици во 1977 година, како значаен меѓународен договор за заштита и одржливо управување и користење на водните живеалишта. Во текот на 2021 година на листата на национални Рамсар подрачја беа додадени и Охридското Езеро и Студенчишкото Блато, заедно со порано додадените и валоризирани други две македонски подрачја, Преспанското и Дојранското Езеро. На настанот беа презентирани студиите за валоризација на овие важни екосистеми, беше прикажан едукативно-документарен филм „Белчишко Блато – синиот бисер од Дебрца“, а потоа се одржа и јавна дискусија на темата.

Zamenik_Odzaklieska_sostanok

Организатор на настанот е Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Охрид, во соработка со Општина Дебрца, а освен од Министерството за животна средина и просторно планирање, во одбележувањето се придружија и градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачевски, претставници од Општина Охрид и Хидробиолошкиот Институт од Охрид и домашни и странски експерти.