БУЧАВА


Бучавата како една од негативните последици врз животната средина е проблем кој е распространет во целиот свет и се јавува како резултат на технолошкиот развој, најчесто е предизвикана од сообраќајните средства и машини кои се користат во производните процеси.

Меѓутоа, отстранувањето на проблемот е неизмерливо различен од земја во земја и е многу зависен од културата, економијата и политиките на земјите. Проблемот подеднакво опстојува дури и во области во кои што се трошат огромни средстава за регулирање, оценување и намалување на изворите на бучава или за создавање бариери за бучавата. На пример, огромни напори се вложуваат за намалување на сообраќајната бучава на самиот извор. Всушност, денешните автомобили се многу потивки од тие произведени пред 10 години, но обемот на сообраќајот порасна толку многу што ефектот од тој напор се анулира и нивото на непријатна бучава се зголемува. Производството на потивки автомобили можеби го ублажува проблемот за одреден период, но во никој случај не го отстранува.

bucava

Мерењето и следењето на бучавата се потребни за постигнување и одржување на нивоа на бучава во животната средина во дефинирани области и под различни услови, со крајна цел да се заштити здравјето и добросостојбата на населението.

Законска основа

Проблематиката во однос на штетната бучава која се емитира во животната средина во Република Македонија е регулирана со следната законска регулатива:

Законот за бучава во животната средина (“Сл. Весник на РМ” 79/07, 124/2010 и 47/11) кој  е потоплно во согласност со важечката регулатива на ЕУ. Законот за бучава во животната средина е закон кој ги регулира основните принципи за управување со бучавата во животната средина. Законот е направен според теркот на европските закони, со цел да се воспостави една општа правна рамка за регулирање на бучавата во животната средина на интегриран и сеопфатен начин. Во него директно се пренесени барањата од Директивата 2002/49/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 25 јуни 2002 во врска со проценувањето и управувањето со бучава во животната средина.

Законот за бучава во животната средина дава правен основ за:

-        Изворите на бучава во животната средина

-        Граничните вредности на ниво на бучава во животната средина

-        Индикатори за бучава во животната средина

-        Управување со бучава во животната средина

-        Методи на оценување на штетни ефекти

-        Донесување и спроведување на плански документи

-        Мерки за заштита од бучавата во животната средина

-        Мониторинг на бучавата во животната средина

-        Информативен систем

-        Услови и технички мерки за заштита од бучава во животната средина предизвикана од посебни извори

-        Финансирање

-        Надзор и надлежни органи

Врз основа на одредбите од Законот за бучава во животната средина во периодот од 2007 година до денес донесени се 11 подзаконски акти кои се однесуваат на индикатори за бучава, мониторинг и инспекциски надзор на бучавата во животната средина. Консолидиран текст од Законот за бучава во животната средина и подзаконските акти во целост можат да се превземат на следниот линк:

http://www.moepp.gov.mk/?page_id=619

Врз основа на постојната законска регулатива, податоците од мерењето и следењето на нивото на бучава се доставуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање, Македонски информативен центар за животна средина.

Собраните, обработените и верификуваните податоци и информации за состојбата со бучавата во животната средина претставуваат официјална база на податоци за состојбата со бучавата во животната средина, која служи како основа за управување и заштита од бучавата. Податоците се доставуваат до Меѓународните институции, јавноста и останати заинтересирани субјекти во Република Македонија.