Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Инструменти за политиките на животната средина

РЕЗИМЕ
1

 

  1. Што се случува?

Политиките се креираат за заштита и обезбедување на правата и потребите на луѓето и истите претрпуваат промена кога одредена цел е исполнета или веќе истата не е повеќе релевантна. Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија има обврска за транспонирање на европското законодавство во македонското. Според последната ревизија (2021-2025) од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија (НПАА) земјата има одредено ниво на подготвеност во областа на животната средина. Според препораките од Извештајот земјата се охрабрува да ги засили силите кон зелена транзиција и да ја подобри меѓусекторската координација. Понатаму се препорачува да се зголемат финансиите за намалување на загадувањето на воздухот, воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад и спроведување на обврските кон климатските промени.

Како член на Европската агенција за животна средина (EEA) земјата има обврска за известување кон истата и тоа го прави успешно од 2000 година. Северна Македонија известувањето кон ЕЕА  четири години во континуитет (2018-2021) го прави со 100% исполнетост. Покрај овие обврски постојат и националните обврски преку кои се следи прогресот за известувањата за животната средина преку доставените податоци за нови отпади, пречистителни станици, обуки за животната средина за локалната самоуправа и извештаи за отпад од општините.

 

  1. Зошто се случува?

Иако обврската за известување кон ЕЕА е со 100% исполнетост истото не значи дека и законските обврски на засегнатите страни се исполнуваат континуирано или пак во целост. Недостатокот на податоци со кои располагаат државните органи оневозможува понатамошно следење на прогресот во однос на законските обврски. Во голем број, општините сеуште не ги доставуваат годишните извештаи за отпад, и истото се должи на недоволната информираност како и недостатокот од човечки и административни капацитети. Исто така дел од дефинициите, прописите и обврските се повторуваат на повеќе различни места при што создаваат конфузија и при постапката за издавање на дозволи за отпад. За успешно спроведување на законодавството  веќе четири години по ред се пристапува кон одржување обуки за административните капацитети од областа на законодавната рамка за животна средина.

Во однос на бројот на изградени пречистителни станици постои потреба од пораст на тој број за да се опфатат што поголем број на домаќинства и индустрии од кои би се третирала отпадната вода пред да се испушти назад во природата. Исто така голем број од постоечките станици не се во функција што се должи на необезбедените средства за нивно континуирано одржување.

 

  1. Дали имаме национална цел?

Нема јасно дефинирани национални цели.

 

  1. Дали националната цел е постигната?

Постои законска обврска за редовно исполнување на обврските за достава на документи и податоци.

 

  1. Клучни пораки за темата

Потребно е продолжување на процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ од областа на животната средина и негово спроведување во пракса. Континуираното почитување на законските обврски од сите засегнати страни ќе придонесе кон општество кое ефикасно ги спроведува законите и служи за сите. Само со взаемна отворена соработка (приватен и јавен сектор) може да се креира двонасочна комуникација која ќе вроди со резултати. Преку редовно исполнување на законските обврски и нивно надградување ќе бидеме и чекор поблиску до хармонизирање со европските закони.

 

  1. Кои активности се/треба да се преземат?

Во одност на отпадот потребни се структурни подобрувања во законодавството каде ќе се изврши ревидирање на законите и нивните дефиниции во Законот за управување со отпад. Со самото тоа ќе се креира појасна слика за понатамошно транспонирање на Рамковната директива за отпад на ЕУ. Со новиот Национален план за Управување со отпад (2020-2026) се предлага да се издадат следните општи правилници во кои ќе се дефинира појасно: Постапка за издавање на дозволи, Форма и содржината на документите за следливост, Формата и содржината на информациите што треба да ги достават операторите.

Во однос на извештаите за отпад од општините веќе се превземаат активности и се предлага формализирање на Регионалните центри (вкупно 8) каде поефикасно ќе се собираат податоците и извештаите ќе се доставуваат до МЖСПП. Исто така преку овие центри ќе може да се спроведуваат и едукативни програми со што ќе се зајакат административните капацитети на регионите.

МИЦЖС како одговорен орган за собирање и обработка на податоците за животната средина има континуирана потреба од надоградување со човечки и технички ресурси со што ќе се обезбедат постабилни и посигурни информации кон сите засегати страни. Еден од предлозите во Новиот национален план за управување со отпад (2020-2026) е овој сектор да биде дел од новата Агенција за животна средина.

Што се однесува до пречистителните станици она што треба да се превземе во иднина е зголемување на бројот на инвестиции во однос на БДП преку изградба на системи за собирање и третман на отпадни води. Преку ИПА фондовите веќе е изработена техничката и тендерската докумантација за станицата во Тетово и Битола, а самата изградба е планирана во рамки на ИПА 2 програмата и се очекува да започне до крајот на 2022 година. Подготвена е и проектната документација за канализациона мрежа и пречистителна станица за населеното место Велес и неговата изградба се очекува во 2023 година поради специфичноста на теренот. За изградба на пречитителната станица за град Скопје веќе се обезбедени средствата за изградба и се очекува потпишување на договор до крајот на 2022 година.

 

ЛИСТИ

 

ИНДИКАТОРИ

 

ДЕФИНИЦИЈА

Индикаторот го прикажува процентот на успешност (учинок) и рангирањето за Основниот проток на податоци, односно редовното годишно известување и доставување на податоци и информации од повеќе медиуми во животната средина, до Европската агенција за животна средина.

 

ЕДИНИЦИ

  • Процент (%)

 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИКАТА

Дали се обезбедува одржливост на процесот на известување со податоци и информации за животната средина кон ЕЕА?

 

КЛУЧНА ПОРАКА

Во последните две години Република Северна Македонија ја постигна целта за остварување на 100% учинок во доставувањето за Основниот проток на податоци. 

Сепак, поради целта за зачленување во Европската Унија, а со тоа и континуираното подигнување на стандардите и барањата од страна на ЕУ и ЕЕА, останува предизвикот на одржливост на институциите во однос на исполнувањето на новите обврки за известување. Одржливоста на институционалните капацитети и националните мониторинг системи зависи од одлуките на највисоко централно ниво и претставува процес на планирање и усогласување на националните приоритети во животната средина со стандардите на Европската Унија.

 

График 1. Известување за приоритетен проток на податоци – ниво на комплетност, учинок

 

График 2. Известување за приоритетен проток на податоци по земји – 2023 година

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Европска агенција за животна средина

 

ОЦЕНКА

Од почетокот на соработката на Република Северна Македонија со Европската агенција за животна средина, земјата има континуирано унапредување и успех во известувањето со податоци и информации за Основниот проток на податоци. При првото исвестување во 2000 година, успешноста била проценета на 29%, за во периодот од 2018 до 2023 да биде забележан максимален учинок од 100% од бараните податоци за повеќе медиуми во животната средина. Овој максимален учинок е постигнат и покрај недоволните капацитети на националните системи за мониторинг во животната средина и покрај ограничените инститиционални, човечки и финансиски ресурси.
Иако во периодот од 2006 до 2012 се испратени податоци за сите оценувани медиуми во животната средина, забележан е пад во учинокот од 15,38% поради зголемениот обем на критериуми со кои се оценуваат доставените податоци. Тоа значи дека за одредени медиуми во животната средина, институциите немале доволно капацитети за да обезбедат соодветни податоци во согласност со дополнителните критериуми при оценувањето. 
Споредено со просекот на земјите од Западен Балкан и покрај институционалните предизвици, Република Северна Македонија, во целиот разгледуван период има подобар успех од сите земји. За периодот од 2000 до 2019 година, разликата помеѓу просекот на земјите од Западен Балкан и учинокот во доставувањето за Основниот проток на податоци се движи во ранг од минимум 10% во 2012 година до 35% во 2007 година.
Можеме да забележиме дека нашиот променлив тренд на учинокот при известувањето кон ЕЕА, а за 2002, 2006 и во периодот од 2018 до 2023 со учинок оценет над просекот на земјите членки на ЕЕА, за жал во некои години бележи пад со поголеми отстапувања, како на пример во годините 2000, 2003, 2004, 2010, 2011 и 2012. Во сите останати години, учинокот на Република Северна Македонија е блиску до просекот на земјите членки на ЕЕА. 
Иако сеуште само земја соработничка со ЕЕА, важно е да се укаже на успехот кој што се постигнува во однос на индивидуалните земји членки на ЕЕА (односно Европската Унија) при што се забележува поголем успех на Северна Македонија во однос на земји како Италија, Белгија, Грција, Лихтенштајн, Чешка, Шпанија, Португалија и други, Слика 2.  
Одржливоста на институционалните капацитети и националните мониторинг системи зависи од одлуките на највисоко централно ниво и претставува процес на планирање и усогласување на националните приоритети во животната средина со стандардите на Европската Унија.

 

МЕТОДОЛОГИЈА

  • Методологија за пресметка на индикаторот
  • Методологијата за пресметка на успешноста при процесот на известување е направена од страна на ЕЕА, а податоците користени за приказ на овој индикатор се превземени од официјалното објавување на рангирањето на земјите од страна на ЕЕА.

 

ЦЕЛИ

Да се постигне 100% исполнување на обврските кон Европската агенција за животна средина.

 

ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ

  • Годишно до Европската агенција за животна средина

 

ОПШТИ МЕТА-ПОДАТОЦИ

Тема Инструменти за политиките на животната средина Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Климатски Промени, Вода, Природа, Бучава
Код на индикаторот MK НИ 085 Временска покриеност 2000-2023
Име на индикаторот Известување за податоци за животната средина Извор на податоци Европска агенција за животна средина
Класификација по ДПСИР Р Датум на последна верзија 26.12.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска
Ристо Јордановски
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: K.Nikolovska@moepp.gov.mk
R.Jordanovski@moepp.gov.mk

 

 

ПОВРЗАНОСТ СО ДРГУИ ИНДИКАТОРИ

МК НИ 085 Известување за податоци за животната средина EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој нема еквивалент
GGI – Индикатори за зелен раст не
Кружна економија не
ДЕФИНИЦИЈА

Индикаторот го покажува бројот на издадени дозволи за управување со отпад во подрачјата кои согласно Просторниот план спаѓаат во Г зона, односно индустриска зона, на територијата на Република Северна Македонија.

 

ЕДИНИЦИ

  • Број на издадени дозволи за управување со отпад

 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИКАТА

Каков е прогресот на отварање на отпади и капацитет за собирање и транспортирање на отпад, опасен и неопасен?

 

КЛУЧНА ПОРАКА

Најголем број на дозволи и по двата основи се издадени во 2017 година, 98 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 52 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад. Најмал број, 12 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 20 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад се издадени во 2021 година.

Во разгледуваниот период години издадени се вкупно 313 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 278 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад, што кумулативно претставува позитивен прогрес во отварањето на отпади и зголемување на капацитетите за управување со неопасен и опасен отпад.

 

Слика 1. Вкупно издадени дозволи за управување со отпад

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: МЖСПП, Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи

 

ОЦЕНКА

Дозволите за управување со отпад се издаваат врз основа на одредбите од Законот за управување со отпад, донесен 2006 година. Истите се со времетраење од 5 до 10 години и на тој начин се спроведува политиката на Министерството за животна средина и просторно планирање за правилно складирање и третман на отпадот со почитување на пропишаните стандарди и правилно собирање и транспортирање на отпадот како неопасен, така и опасен и притоа се води сметка за запазување на стандардите за правилно пакување, обележување и превоз на отпадот.

Правните и физичките лица за да можат да ја вршат дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад треба да ги исполнуваат минимално техничките услови во поглед на локацијата, потребната инсталација и опрема за складирање, третман и/или преработка на отпад и негово идентификување, како и системот за следење и видеонадзор на отпадот.  Локацијата на која ќе се врши дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад да се наоѓа надвор од населени места, односно за истата да е предвидена согласност со планската и урбанистичката документација на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и да поседуваат соодветна потврда издадена од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.

Одземање на дозвола за складирање третман и/или преработка на отпад МЖСПП на предлог на државниот инспектор за животна средина може да спроведе доколку имателите на дозвола:

  • двапати во период од една година ги прекршиле минимално техничките услови за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад,
  • извршиле измени на активностите за кои ја добиле дозволата и
  • вршат трговија со производи и материјали што се во општа употреба.

За да се врши дејноста собирање на отпад потребно е да се поседува Дозвола за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад и на другите видови неопасен отпад. Субјектите мора да имаат вработено најмалку едно лице со стручна подготовка согласно со прописите за регистрација за вршење на дејност, како и да располагаат со материјално технички средства за вршење на дејноста. 

Одземање на дозвола за собирање и за транспортирање на комуналниот и на другите видови неопасен отпад МЖСПП може да спроведе доколку правните и физичките лица повеќе од трипати во период од три години ги прекршиле минимално техничките услови за вршење на дејноста собирање и транспортирање на комуналниот и на другите видови неопасен отпад

Во разгледуваниот период од 2017 до 2024 година, издадени се вкупно 313 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 278 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад.

Најголем број на дозволи и по двата основи се издадени во 2017 година, 98 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 52 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад. Најмал број, 12 дозволи за складирање, третман и преработка на отпад и 20 дозволи за собирање и транспорт на комунален и други видови на отпад се издадени во 2021 година.

 

МЕТОДОЛОГИЈА

  • Методологија за пресметка на индикаторот

Постапката за начинот на добивање и за одземање на дозволите за управување со отпад е пропшишана со Законот за управување со отпадот.

 

ЦЕЛИ

Согласно Законот за управување со отпад кој што е во нацрт фаза планирано е да се предвиди постоење на само еден вид на дозвола за управување со отпад во која подетално ќе биде опишан конкретниот процес на постапување со отпадот како и рокот на важност.

 

ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ

Годишно објавување на регистар на издадени дозволи за управување со отпад на веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање.

 
ОПШТИ МЕТА-ПОДАТОЦИ
Тема Инструменти за политиките на животната средина Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Вода, Природа, Отпад
Код на индикаторот MK НИ 086 Временска покриеност 2017-2024
Име на индикаторот Дозволи за управување со отпад Извор на податоци Министерство за животна средина и просторно планирање, Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи
Класификација по ДПСИР Р Датум на последна верзија 24.09.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Управа за животна средина, Сектор за управување со отпад
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: 
D.Ristova@moepp.gov.mk

 

ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИ ИНДИКАТОРИ

МК НИ 086 Дозволи за управување со отпад EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 6 – 6.3.1 Proportion of wastewater safely treated
11 – 11.6.1 Proportion of urban solid waste regularly collected and with adequate final discharge out of total urban solid waste generated, by cities
12-12.4.2 Hazardous waste generated per capita and proportion of hazardous waste treated, by type of treatment;
12.5.1 National recycling rate, tons of material recycled
GGI – Индикатори за зелен раст Да
Кружна економија да

ДЕФИНИЦИЈА

Индикаторот го прикажува бројот на спроведени обуки од областа на спроведување на законите од областа на животната средина кои се наменети за вработени во делот на животната средина во општините.

 

ЕДИНИЦИ

  • Број на обуки и опфатеност на теми од областа на животната средина
 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИКАТА

Каков е прогресот во процесот на спроведување на обуките во областа на животната средина кои се наменети за вработени во општините?

 

КЛУЧНА ПОРАКА

Обуките за спроведување на законите од областа на животната средина кои се наменети за вработени во делот на животната средина во општините започнаа да се спроведуваат во 2018 година како резултат на предвидена активност во Програмата за реформи од областа на животната средина на локално ниво која Владата на Република Северна Македонија ја усвои во декември 2017 година. Досега се покажа голем интерес од страна на единиците на локална самоуправа за ваквиот тип на обуки. Во 2018 и 2019 година се одржани по 10 обуки годишно, односно по една на месец не вклучувајќи ги летните месеци кога се користат годишни одмори. Во текот на 2020 година не се одржаа обуки со оглед на постоечката пандемија и немање услови за учество на вакви обуки од страна на вработените во општините. Во периодот од 2021 до 2024 година се одржани од минимум 2 до максимум 6 обуки, во зависност од потребите за обука на единиците за локална самоуправа.

График 1. Одржани обуки на претставници од општините

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: МЖСПП, Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи

 

ОЦЕНКА

Со усвојување на на Програмата за реформи од областа на животната средина на локално ниво која Владата ја усвои во декември 2017 година покрај многубројните мерки кои ги опфаќа истата се започна со спроведување на обуки наменети за вработени во локалната самоуправа. Анализата покажа дека постои огромна неинформираност за нови законски прописи, неусогласена пракса при спроведување на прописите како и недоволно спроведување на прописите од областа на животната средина од страна на тие што се одговорни во општините за делот на животната средина. 
Тргнувајќи од многубројните обврски кои законите од областа на животната средина ги налагаат за локалната самоуправа како и Законот за рамномерен регионален развој, а особено Законот за меѓуопштинска соработка се јави потреба од континуирано информирање и запознавање со новини за вработените во локалната самоуправа и разграничување на мали, средни и големи општини со приортетен начин на спроведување на надлежностите. Обуките се држат во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање и предавачи се експерти од МЖСПП и Управата за животна средина кои ги вршат истите работи на централно ниво, а главната цел е да се овозможи комуникација меѓу претставниците на општините и размена на информации.  При тоа досега се покажа голем интерес од страна на локалната самоуправа за ваквиот тип на обуки но за жал заради ограничените просторни услови секогаш не може да им се излезе во пресрет на сите заинтересирани.

 

МЕТОДОЛОГИЈА

  • Методологија за пресметка на индикаторот

Постапката за спроведување на обуките започнува со донесување на годишен План за спроведување на обуки и тип на обуки од страна на министерот за животна средина и понатаму спроведување на планот од страна на Секторот за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи.

 

ЦЕЛИ

Планирано е да се обезбедат финансиски средства за одржување на обуки на месечно ниво во соодветен простор со поголем капацитет како и дводневни односно тридневни обуки за иста тема.

 

ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ

  • Известување на секои 6 месеци за напредокот до Владата на Република Северна Македонија.
 

ОПШТИ МЕТА-ПОДАТОЦИ

Тема Инструменти за политиките на животната средина Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Климатски промени, Вода, Природа, Отпад, Бучава
Код на индикаторот MK НИ087 Временска покриеност 2018-2024
Име на индикаторот Обуки за областите од животната средина за вработените во Општините Извор на податоци МЖСПП, Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи
Класификација по ДПСИР Р Датум на последна верзија 24.09.2024
Тип А Подготвено/ ажурирано од: Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: T.Paunovska@moepp.gov.mk

 

ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИ ИНДИКАТОРИ

МК НИ 087 Обуки од областите за животната средина за вработените во општините EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 6 – 6.3.1 Proportion of wastewater safely treated
11 – 11.6.1 Proportion of urban solid waste regularly collected and with adequate final discharge out of total urban solid waste generated, by cities
12-12.4.2 Hazardous waste generated per capita and proportion of hazardous waste treated, by type of treatment;
12.5.1 National recycling rate, tons of material recycled
GGI – Индикатори за зелен раст не
Кружна економија не

ДЕФИНИЦИЈА

Индикаторот го покажува бројот на пречистителни станици и проектираниот капацитет изразен во еквивалент од жители класифицирани според степенот на прочистување на отпадни води во пречистителните станици, односно примарен, секундарен и соодветен.

 

ЕДИНИЦИ

  • Број и %.
 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИКАТА

Колку пречистителни станици има, со колкав капацитет се истите и дали се во функција?

 

КЛУЧНА ПОРАКА

Отпадните води од домаќинствата и индустријата создаваат голем притисок врз животната средина. Во разгледуваниот период од 1978 до 2019 година има позитивен тренд на прогрес во изградбата на постројки за третман на урбани отпадни води.

Изградени се вкупно 51 пречистителна станица (ПС) со проектиран капацитет од 756 499 еквивалент жители, што претставува значителен пораст на бројот на изградени пречистителни станици.
За жал, во моментов 17 станици не се функционални, заради различни причини, но најчесто необезбедени средства за одржување. Исто така, треба да се направи напор за изградба на пречистителни станици за 34 населени места кои немаат или сеуште не е предвидена изградба на системи за собирање и третман на отпадни води.

Начинот на третман на урбани отпадни води во пречистителни станици (изградени, во фаза на градба и планирани) е следен: примарен во 16 ПС, секундарен во 27 ПС и соодветен степен на прочистување во 4 ПС, а за 17 станици немаме податок за степенот на прочистување. 

 

Слика 1. Број на пречистителни станици по години

 

Слика 2. Број, проектиран капацитет и функционалност на пречистителните станици

 

Слика 3. Број и проектиран капацитет – еквивалент од жители, според степените на прочистување на отпадните води

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Единици на локална самоуправа

 

ОЦЕНКА

Изградбата на пречистителна станица за отпадни води прво бара воспоставување на систем за собирање на отпадните води, а потоа и континуирано обезбедување средства за третман на собраните отпадни води. 

Иако отпадните води од домаќинствата и индустријата создаваат голем притисок врз животната средина, бидејќи содржат органски материи, нутриенти и опасни материи, во поглед на степенот на изградена канализациона мрежа и капацитети за третман на отпадни води, земјава заостанува во споредба со инфраструктурата за снабдување со вода.

Постојат три степени на прочистување на отпадни води: примарно (механичко) прочистување - подразбира отстранување на цврсти материи од водата преку филтрација и таложење, секундарно (хемиско) прочистување за да се отстранат веќе растворените органски материи и соодветно (биолошко) прочистување кое се врши за билошко отстранување на нутриенти, вкупен азот и вкупен фосфор од ефлуентот пред испуштање во реципиентот. 

Во Република Северна Македонија почнувајќи од 1978 година, кога е изградена првата пречистителна станица, досега има изградено вкупно 51 пречистителна станица со проектиран капацитет за 756 499 еквивалент жители. Гледано по година на изградба има позитивен тренд на зголемување на бројот на пречистителни станици, врз основа на што може да се заклучи дека има и позитивен тренд во прогресот на прочистување на урбани отпадни води.

Од вкупниот број пречистителни станици само 34 се моментално во функција и се со проектиран капацитет за 730 744 еквивалент жители. Некои од изградените пречистителни станици ги поврзуваат системите за одведување на отпадни води од повеќе населени места.

Во моментов во фаза на изградба се 6 пречистителни станици со проектиран капацитет за 53 500 еквивалент жители, во 2021 година се очекува да почне изградбата на пречистителна станица во која ќе бидат третирани отпадните води на Град Скопје и со проектиран капацитет од 650 000 еквивалент жители.
Планирани за изградба во иднина или во фаза на подготовка на техничка документација се 6 пречистителни станици со проектиран капацитет од 207 626 еквивалент жители, кој се однесува само на две станици, а за останатите капацитетот ќе се знае после завршување на техничката документација.
За жал има 34 населени места кои немаат или сеуште не е предвидена изградба на системи за собирање и третман на отпадни води, една од причините за ваквата состојба е и недостаток на средства за инвестиции за изградба.

Во однос на степенот на прочистување на отпадни води од сите пречистителни станици (изградени, во фаза на градба и планирани), 16 имаат примарен, 27 секундарен и 4 соодветен степен на прочистување, а за 17 станици немаме податок за степенот на прочистување. 

Според претходно кажаното 96,13% од проектираните капацитети се поврзани на систем за секундарно прочистување, 2,13% на примарен и најмал процент од 1,32% од проектираните капацитети се поврзани на систем за соодветен степен на прочистување, што укажува дека за подобрување на квалитетот на водите во водотеците потребно е зголемување на бројот на пречистителни станици со соодветен степен на третман на отпадните води.

 

МЕТОДОЛОГИЈА

  • Методологија за пресметка на индикаторот

Податоците се обработени согласно барањата од Директивата за одведување и пречистување на комуналните отпадни води (91/271/ЕЕЦ) и Правилникот за поблиските услови за собирање, одведување, прочистување на урбаните отпадни води, начинот и условите за прoектирање, изградба и екплоатација на системите и станици за прочистување на урбаните отпадни води, и техничките стандарди, параметри, стандарди на емисијата, и нормите за квалитет за предтретман, отстранување и прочистување на отпадни води, имајќи го во предвид оптоварувањето и методот за прочистување на урбаните отпадни води коишто се испуштаат во подрачјате чувствителни на испуштање на урбани отпадни води.

 

ЦЕЛИ

Зголемување на степенот на инвестиции во однос на БДП преку изградба на системи за собирање и третман на отпадни води.

 

ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ

  • Нема
 

ОПШТИ МЕТА-ПОДАТОЦИ

Тема Инструменти за политиките на животната средина Поврзаност со други теми/сектори Вода, Природа, Отпад
Код на индикаторот MK НИ 088 Временска покриеност 2019
Име на индикаторот Број и опременост на пречистителни станици за урбани отпадни води Извор на податоци Единици на локална самоуправа
Класификација по ДПСИР Р Датум на последна верзија 29.05.2020
Тип А Подготвено/ ажурирано од: Катерина Николовска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: K.Nikolovska@moepp.gov.mk

 

ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИ ИНДИКАТОРИ

МК НИ 088 Број и опременост на пречистителни станици за урбани води EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 6 – 6.3.1 Proportion of wastewater safely treated
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија да

ДЕФИНИЦИЈА

Индикаторот прикажува статистички податоци за доставените извештаи од општините. Го прикажува бројот на доставени извештаи по години, процентуалната исполнетост на доставените извештаи за постапување со отпад од општините по години од вкупниот број на општини како ипо процент на извештаи во однос на фреквенцијата на известување.

 

ЕДИНИЦИ

  • број, процент (%)
 

КЛУЧНО ПРАШАЊЕ ЗА ПОЛИТИКАТА

Каков е прогресот во доставувањето редовни извештаи за отпад од страна на општините според националното законодавство?

 

КЛУЧНА ПОРАКА

Од вкупно 81 општина која има обврска за доставување извештаи во просек годишно се доставуваат по 24 извештаи или само 29,3% општини доставуваат. Почнувајќи од 2013 па се до 2023 година трендот на доставувањето на извештаите по години има тренд на намалување, со пик во 2016 година. Исто така голем процент на општините континуирано не ја исполнуваат обврската за годишна достава на извештаите, односно 44% од вкупниот број на општини, ниту еднаш не доставиле извештај.

 

Табела 1: Вкупен број на доставени извештаи по година

Година

2013

2014

2015

2016

2017

2018

2019

2020

2021

2022

2023

Број на доставени извештаи

26

25

30

34

21

24

10

21

23

27

25

 

График 1. Процент на доставени извештаи од општините по фреквенција на известување

 

График 2. Процент на доставени извештаи од општините по години

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Единици на локална самоуправа, Министерство за животна средина и просторно планирање – Сектор отпад

 

ОЦЕНКА

Согласно Националниот акционен план за животна средина една од предвидените цели е воспоставување на интегрирано управување со отпад и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад кое во еден дел ќе биде изразено преку процент на население покриено со организирано собирање и одлагање на отпад. Моментално само околу 70% од населението е опфатено со организирано собирање на комунален отпад, а само 10% од населението од руралните населби е опфатено во оваа бројка.
Општините исто така имаат обврска за донесување на План за управување со отпад на општината и градот Скопје кој се заснова на Националниот план за управување со отпад, кој се носи за период не помал од три години и не подолг од шест години.
Преку направената статистика за општини кои доставуваат извештај за отпад може да се увиди ажурноста на општините кои водат сметка за исполнување на законската обврска. Со анализа на извештаите, службите на МЖСПП добиваат слика за количината на собраниот, транспортираниот и отстранетиот комунален отпад. 
Преку редовна достава на извештаите од општините ќе се креира појасна слика за опфатеното население и за постоечката состојба во врска со управувањето на отпадот од општините и со тоа ќе се увиди трендот на управувањето со комуналниот отпад и во која насока се движи истиот.
Од вкупно 81 општина која има обврска за доставување извештаи во просек годишно се доставуваат по 24 извештаи или само 29,9% општини доставуваат. Почнувајќи од 2013 па се до 2023 година трендот на доставувањето на извештаите по години има тренд на намалување, со пик во 2016 година. Исто така голем процент на општините континуирано не ја исполнуваат обврската за годишна достава на извештаите, односно 44% од вкупниот број на општини, ниту еднаш не доставиле извештај. 

 

МЕТОДОЛОГИЈА

  • Методологија за пресметка на индикаторот

Пресметката на индикаторот е направена од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање, врз база на информациите и податоците кои се добиваат од Секторот за отпад при МЖСПП од Годишните извештаи за постапување со отпад доставени согласно одредбите од Правилниникот за формата и содржината на дневникот за евиденција за постапување со отпад, формата и содржината на формуларите за идентификација и транспорт на отпадот и формата и содржината на обрасците за годишни извештаи за постапување со отпад.

 

ЦЕЛИ

Цел на овој индикатор е согласно Законот за отпад исполнување на обврската од страна на општините за годишно доставување на извештаите.

 

ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ

  • нема
 

ОПШТИ МЕТА-ПОДАТОЦИ

Тема Инструменти за политиките на животната средина Поврзаност со други теми/сектори Отпад
Код на индикаторот MK НИ089 Временска покриеност 2013 – 2023
Име на индикаторот Статистика за општини кои доставуваат извештај за постапување со отпад Извор на податоци Единици за локална самоуправа, Министерство за животна средина и просторно планирање
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 12.09.2022
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска
Ана Димишкова
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта:
K.Nikolovska@moepp.gov.mk
A.Dimiskova@moepp.gov.mk

 

ПОВРЗАНОСТ СО ДРУГИ ИНДИКАТОРИ

МК НИ 089 Статистика за општини кои доставуваат извештај за постапување со отпад EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 11. Make cities and human settlements inclusive, safe, resilient and sustainable
GGI – Индикатори за зелен раст не
Кружна економија не

Мени за пристапност