- Дава упатства за работа и потребна стручна помош, врши непосредно контрола и надзор над извршувањето на работите во секторот, ги распоредува задачите и работите на раководителите на одделенијата во состав на секторот
- Дава насоки и ги одобрува проектните апликации, проектните низи и проектните досиеја со изработка на проектни задачи за проекти од областа на животната средина
- Ги одобрува Извештаите за мониторинг на проектите од областа на животната средина
- Ја контролира подготовката и спроведувањето на оперативните програми и плански документи од областите животна средина и одржлив развој
- Ги контролира документите за подготовка и спроведување на инвестиции од областа на животната средина
- Ја подготвува годишната Програма за инвестирање во животната средина, согласно Законот за животна средина
- Ги контролира и дава согласност на документите од спроведените активности од проектите од Програмата за инвестирање во животната средина
- Го контролира и одобрува Извештајот за спроведување на Програмата за инвестирање во животната средина
- Потпишува документи од делокругот на секторот, дава напаствија, мислења и слично од областа одржливиот развој, животната средина и инвестиции во животната средина, како и врши други работи доверени од непосредниот раководител
Одржлив развој
Одржливиот развој е развој што ги задоволува потребите на сегашните генерации без да ја загрози можноста идните генерации да ги задоволуваат своите потреби. Одржливиот развој е развој кој е социјално одговорен и правичен, прифатлив за животната средина и кој се потпира врз основните постулати на граѓанското општество Претпоставува вградување на критериумите за заштита на природниот, социјалниот и културниот капитал во секоја политика. Тоа подразбира урамнотежување на економските, социјалните и целите на животната средина и нивно интегрирање секогаш кога е тоа возможно, преку креирање на заемно поддржувачки политики и практики и со изнаоѓање компромиси кога не е возможна интеграција на целите.
Во крајна линија, тоа значи систематичност при размислувањето и стратешки пристап при планирањето. Тоа значи и однесување во кое се вградени фундаменталните критериуми на одржливиот развој, со што ќе се обезбедат одржливи резултати во сите човекови активности.
- Усогласување на економијата со човековите потреби и ограничувањата кои ги поставува животната средина. (Одржливиот развој е чувствителен во однос на човековите потреби во зависност од социјалниот статус, образованието, културата, полот. Во таа смисла, економскиот и социјалниот развој и заштитата на животната средина се меѓузависни и претставуваат компоненти на одржливиот развој. Демократијата, почитувањето на човековите права и фундаменталните слободи кои го опфаќаат правото на развој, транспаретното и одговорно управување со сите сектори на општеството, како и ефективното учество на граѓаните во јавниот живот, се исто така битен дел на неопходните основи на реализација на социјалниот и кон човекот насочениот развој).
- Преземање на одговорноста за квалитетот на сопствениот развој
- Долгорочна визија и модел за праведен и напреден свет (Бидејќи, одржливиот развој не е прашање на избор. Тој е императив. Мора да направиме се што е во нашите можности, дури иако тоа би значело и одредени жртви во периодот на промени и транзиција. Мора да им оставиме на децата свет во кој вреди да се живее, свет со чиста и здрава животна средина и правично општетство. Ова е наша должност која мора да ја оствариме. Романо Проди)
Функции на секторот
Секторот за одржлив развој и инвестиции има три примарни функции од кои првата е креирање национална политика за животна средина и одржлив развој преку квалитетна анализа на проблемите и можностите, утврдување приоритети и изготвување релевантни програми и стратегии согласно препораките и приоритетите утврдени на меѓународно ниво. Секторот воедно соработува и со останатите органи на државната управа и другите партнери во процесот на интегрирање на различните политики во насока на одржлив развој и спроведување стратешка оцена на влијанието врз животната средина. Секторот дава поддршка на други единици од Министерството со аналитички услуги и услуги на планирање политика. Тој исто така презема иницијатива во поглед на донесување на нови инструменти/механизми на политиката во областа. Во насока на обезбедување на инвестиции во животната средина кои се во релација со препораките на стратешките документи, секторот врши економски анализи и други методолошки анализи при дефинирање на проектите, како и самиот процес на програмирање. .
Секторот воспоставува и функција за национална соработка заради исполнување на високо приоритетните задачи за соработка со локалната самоуправа и другите министерства и владини институции. Овој сектор исто така е во можност да ги препознае специфичните потреби на единиците на локалната самоуправа и на другите институции и да помогне во приспособувањето на услугите на Министерството на нив.
Секторот ги координира активности за подготовка на стратешки документи, програми и проектни предлози од областа на животната средина. Исто така континуирано дава препораки и активно учествува во имплементација на истите, и ја насочува работата на проектните канцеларии за имплементирање на обврските од ратификуваните глобални меѓународни договори, како и меѓународни договори на ниво на ЕУ.
Втората примарна функција на секторот е утврдена врз основа на потребата за спроведување на инвестиции од областа на животната средина, особено за третман на отпадни води и управување со отпад, како и рехабилитација на индустриски жаришта. Во таа насока, секторот е активно вклучен во подготовка на инвестициони програми, со особен акцент на подготовка и имплементација на Програмата за инвестиции во животната средина согласно Законот за животна средина. Исто така секторот се грижи за развивање на проектните досиеја/техничка документација на инвестиционите проекти во текот на целиот животен цуклус на проектот, особено спроведувањето и мониторингот на истите. Посебен акцент во работата на секторот се дава на реализација на подготовка и реализација на проектите кои се финансиски подржани од донаторската заедница и предпристапната помош на Европската Унија.
Третата примарна функција на секторот е истражување и анализа на политики, документи и програми на локално, национално и меѓународно ниво од областа климатски промени, како и одготовка на плански документи од областа климатски промени. Спроведување на активности за планирање и подготовка на оперативни програми – програмирање од областа климатски промени, како и спроведување на проекти од оваа област се активности кои редовно се спроведуваат.
Работата на Секторот за одржлив развој и инвестиции се реализира преку четири одделенија:
- Одделение за одржлив развој
- Одделение за подготовка на проекти
- Одделение за инвестиции
- Одделение за климатски промени