Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Шумарство

Резиме

1

1. Што се случува?

Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот. Затоа шумата треба да се чува и да се сака.Шумите, без разлика на нивната намена, функции, сопственост и слично, од нивното подигање, постојано се изложени на различни штетни влијанија, кои го спречуваат нивниот развој, неповолно влијаат врз нивните приносни способности, ја намалуваат нивната вредност, производството на дрвна маса, и ги намалуваат нивните бројни општокорисни функции.Зголемената експлоатација на шумите, особено бесправната сеча и пожарите, кои во последните години се особено изразени, го загрозуваат опстанокот на шумите.

За површина под шумско земјиште има податоци само од 2010 година. Уделот на површината на шумското земјиште во вкупната површина на земјата од 2010 до 2015 година пораснал за 56,0%, но потоа од 2016 до 2021 година опаѓа за 21,3%. Ова најверојатно се должи првенствено на штетите во шумите предизвикани од пожари и бесправна сеча.

Процентот на пошумена површина со нови шуми има променлив тренд на намалување и зголемување на површините, во однос на 1990 во 2021 година бележи значителен пад од 90,3%.

Уделот на стопански шуми во вкупнатаповршина на шуми, во периодот од 2010 до 2021 година, има пораст од 10%, уделот на повеќенаменските шуми има пад од 2,1%, а уделот на површините на шуми во заштитените подрачја има пад од 2,3%, во вкупнатаповршина на шуми. Ова укажува на фактот дека зголемување има само кај шумите од кои има економски бенефит.

Шумските пожари се еден од најголемите проблеми во шумарството, како и за животната средина во целост. Просечно годишно, вкупната штета од пожарите изнесува 480.266.213,88 денари, бидејќи големо количество на дрвна маса се уништува, што претставува економски проблем. Освен економската штета, пожарите предизвикуваат загадување на животната средина, со просечно годишно уништување околу 8.876,34ha шума, што е голем еколошки проблем, со сериозно негативно влијание на воздухот, почвата, водата, климата, здравјето на луѓето и намалување на животинската популација.

Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2021 година се зголемила 2,5 пати. Во разгледуваниот период бележипроменлив тренд на намалување и зголемување. Штетата во 2010 година била најмала и изнесувала 11.557 м3 за да го достигне пикот во 2019 година, со вкупна исечена дрвна маса од 45.795 м3. Во 2021 во однос на 2020 година има намалување за 0,6 пати на количеството на бесправна сеча.

Разгледувајќи по удел на штета во шумите од бесправна сеча по региони, во вкупната сеча на ниво на држава, најмногу штета се забележува во Скопскиот регион, со удел кој се движи помеѓу 28,4% (2011) и 80,8% (2016), по кој следува Пелагонискиот регион. Во 2021 година, најголем удел во вкупната сеча на ниво на држава, 52%, се забележува во Скопскиот регион, а најмал во Североисточниот регион, 0,3%.

Најголем пад во 2021 година, во однос на годината кога количината на бесправно исечена дрвна маса била најголема, има во Вардарскиот (99,7%), Североисточниот (98,5%) и Полошкиот регион (72%).

Зошто се случува?

Намалувањето на шумскиот фонд, заради штети на шумите, најчесто е како последица на повеќе фактори, кои може да се поделат во две категории: абиотска природа (екстремни температури-суши и мразеви, снег, град, ветер, поројни дождови, кисели дождови и сл.) и биотска природа (човек, инсекти, габи, бактерии, вируси и др.).

За жал, кај нас освен абиотските фактори, на кои неможеме да влијаеме, најчесто несовесните граѓани ги предизвикуваат и најголемите катастрофи и штети на шумите, како што се шумските пожари кои потпомогнати од ветерот, се шират со голема брзина и прават огромни штети. Исто така, бесправната сеча на шумите е предизвикана од човечки фактор, кој заради социјални причини или економски профит, уништува огромни површини со шуми и со тоа ја деградира животната средина.

 

2. Дали имаме национална цел?

2.1.  Шуми и шумско земјиште

Согласно Просторниот план на Република Македонија предвидено е зголемување на површините со шуми и шумско земјиште, односно, во 2020 година уделот во вкупната површина на републиката да изнесува 48,8%.

2.2.  Шумски пожари

Во однос на шумските пожари целта е намалување на бројот на шумските пожари, намалување на опожарената дрвна маса и шумска површина. Истотака намалување на штетите во шумите подразбира и намалување на неконтролирана сеча на шумите.

2.3.  Штети во шумите од бесправна сеча

Намалување на штета во шумите направена од бесправна сеча.

 

3. Дали националната цел е постигната?

3.1.  Шуми и шумско земјиште

Во однос на уделот на шумите и шумското земјиште во вкупната површина на земјата, целта за до 2020 година сеуште не е постигната, но може да кажеме дека заради позитиниот растечки тренд, се движи кон остварување на целта.

Поради немерливоста на останатите национални цели, може да се заклучи следното:

3.2.  Шумски пожари

Во однос на шумските пожари се забележува позитивен опаѓачки тренд последните години, но со оглед на тоа што трендот во целиот период е променлив, може да се заклучи дека има мешан прогрес кон остварувањето на целта.

3.3.  Штети во шумите од бесправна сеча

Намалувањето на штета во шумите направена од бесправна сеча има негативен растечки тренд, заради што може да се констатира дека сме многу далеку од остварување на целта.

 

4. Клучни пораки за темата

Односот на вкупната површина под шума во вкупната површина на земјата се движи помеѓу35,5% и 40,8%, површината под шума била најголема во 2021, а најмала во 1990година, што сеуште претставува мал процент и затоа треба да се зголеми процентот на пошумена површина со нови шуми, кој бележи значителен пад од 90,3% во 2021 во однос на 1990г.

Шумските пожари предизвикуваат загадување на животната средина, со просечно годишно уништување околу 8.876,34ha шума, што е голем еколошки проблем, со сериозно негативно влијание на воздухот, почвата, водата, климата, здравјето на луѓето и намалување на животинската популација, а исто така прават и огромна економската штета.

Штетата во шумите Во разгледуваниот период бележипроменлив тренд на намалување и зголемување. Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2021 година се зголемила 2,5 пати. Во 2021 во однос на 2020 година има намалување за 0,6 пати на количеството на бесправна сеча.

Потребно е да се превземат мерки за одржливо управување со шумите.

 

5. Кои активности се/треба да се превземат?

Политиките за развој на шумарството се утврдени во Националната Стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2014 – 2020, каде се пропишани следниве мерки:

  • подигнување на нови шуми со пошумување на голини и ерозивни земјишта
  • мелиорација на деградирани шуми и шикари
  • нега на шумски култури;
  • санирање на опожарени шумски површини
  • превентивна заштита на шумите и шумските култури
  • сузбивање на растителни болести и штетници во шуми и шумски култури подигнати на голини, површини во кои е извршена мелиорација на деградирани шуми и шикари
  • обезбедување на семе и на шумски саден материјал
  • обезбедување на садници за пошумување земјиште во приватна сопственост
  • примена на релевантната законска регулатива
  • зајакнати контроли на соодветните институции да се справаат со појавите
  • подигнување на јавната свест за последиците од штетата предизвикана во шумите.

 

Дефиниција

Индикаторот дава информации за бројот на шумските пожари на територијата на Република Северна Македонија. Потоа дава информации за големината на шумските пожари прикажувајќи ја опожарената површина и видот на опожарената дрвна маса како и предизвиканата вкупна штета од пожарот. 

Единици

Опожарената површина е изразена во ha (хектари), додека опожарената дрвна маса е изразена во m3. Вкупната штета од шумските пожари е изразена во денари, како и број на шумски пожари.

Клучно прашање за политиката

Каква е состојбата со шумските пожари во Република Северна Македонија?

Колкав е бројот на шумските пожари, колкава е опожарената површина и опожарената дрвна маса?

Клучна порака

Во Република Северна Македонија, во разгледуваниот период, се забележува нагло зголемување на бројот на пожарите, опожарената површина и опожарената дрвна маса, кои во 2007 го достигнуваaт максимумот од 652 пожари. Потоа има тренд на постепено намалување до 2009 со 61 пожар, за повторно во наредните години бројот на пожари да се зголеми. 
Бројот на пожари во 2023 година бележи намалување во однос на бројот на пожари во 2019 година, за 2 пати.

График 1. Број на шумски пожари

 

График 2. Опожарена површина

 

График 3. Опожарена дрвна маса

 

График 4. Вкупна штета од пожарите изразена во денари

 

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Јавно претпријатие за управување со шумите – македонски шуми

Оценка

Шумските пожари се еден од најголемите проблеми во шумарството, како и за животната средина во целост во Република Северна Македонија. Поради пожарите големо количество на дрвна маса се уништува и тоа претставува економски проблем. Пожарите на шумите предизвикуваат загадување на воздухот, почвата и водата. Изгорените дрва се извор за развој на патогени и штеточини. Потоа, постои зголемување на ерозивните процеси во изгорените површини, дебалансирање на водниот режим, губење на вегетацијата и опустување. Речиси 95% од шумските пожари се предизвикани од човекот. Шумските пожари во разгледуваниот период просечно годишно уништуваат околу 8.475,38 ha шума. Годишно во просек во периодот од 1999 до 2023 година има по 205  пожари. Во 2007 година поради екстремни суши и човечки фактор имало 652 пожара на околу 35.000 ha површина. 
Пропорционално со разгледуваните параметри претходно, вкупната штета од пожарите по години изразена во денари е најголема во 2021 година со вредност од 2.373.137.539 денари. Годишно во просек во периодот од 1999 до 2023 година вкупната штета од пожарите изнесува 453.180.581,65 денари.
 

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Податоците и пресметката на индикаторот е направено од страна на Јавното претпријатие - Национални Шуми  на Република Северна Македонија.

Цели

Почитување на законската регулатива која се однесува на заштита на шумите и шумските ресурси. Намалување на бројот на шумските пожари, намалување на опожарената дрвна маса и шумска површина. Намалување на трошоците и штетите предизвикани од шумските пожари. Подигање на јавната свест за борба против пожарите и преземање на сите неопходни мерки за намалување на човечкиот фактор како причинител на шумските пожари.
Со негативното влијание на климатските промени, односно со зголемувањето на температуеите и намалувањето на врнежите зголемен е ризикот за појава на шумските пожари. Навременото и ефикасно откривање на ризиците од овој тип во следниот период ќе бидат еден од приоритети на сите вклучени институции. Во таа насока ќе се спроведуваат релевантни мерки за превенција, воспоставување на заштитна инфраструктура и систем на координација на активностите, како и реставрација и санација на шумкиот потенцијал на опожарените шуми. Воспоставениот информативен систем за рано известување, тревожење и супресија на шумски пожари тековно ќе се одржува функционален од страна на Центарот за управување со кризи заради навремено спречување на штети од поголеми размери.
Таргетирани мерки во “Димензијата на декарбонизација’’ ќе бидат спроведени во насока на намалувањето на бројот и обемот на шумските пожари и подобрување на квалитетот на шумите преку интегрирано управување со шумски пожари и пошумување на необраснато шумско земјиште со високоприносни и квалитетни видови дрвја. Главна  цел на вклучените институции ќе биде намалување на просечната годишна изгорена површина со 6.000 ха од околу 11.000 ха колку што се опожаруваат во текот на една година. Покрај заштитата, предвидено е зголемување на површините кои ќе се пошумуваат и тоа приоритетно – опожарените подрачја и подрачјата со деградирана шума.
“Тековна реализација на проектите за годишно пошумување на голини, опожарените површини и ерозивни земјишта со спроведување на одгледуваки мерки за пошумените површини. Покрај преку националниот буџет, кофинансирањето на активностите на пошумувањето се планира да се реализира и преку средствата од ИПАРД програмата за периодот 2021-2027 година преку мерката Воспоставување и заштита на шумите која би требало да се воведе со модификација на програмата. Целта на мерката е да се зголеми шумскиот фонд заради адаптација на предизвиците на климатските промени и обезбедување помош при превенцијата и реставрацијата на шуми од шумски пожари и пошумување на ерозивни земјишта.Зголемувањето на шумите преку пошумување ќе се подржува и за заштита на земјишните ресурси и живиот свет.

Општи мета-податоци
Тема Шумарство Поврзаност со други теми/сектори Почва и користење на земјиште, Земјоделство, Природа, Домаќинства, Урбанизација
Код на индикаторот MK НИ 038 Временска покриеност 1990-2023
Име на индикаторот Шумски пожари Извор на податоци Јавно претпријатие за управување со шумите – македонски шуми
Класификација по ДПСИР И Датум на последна верзија 06.08.2024
Тип А Подготвено/ ажурирано од: Арминда Рушити
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: a.rushiti@moepp.gov.mk

Поврзаност со други индикатори

МК НИ 038 Шумски пожари EEA – Европска агенција за животна средина IND-185/CLIM 035, Forest fires
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина 99, Forest fires
SDG – Цели за одржлив развој нема еквивалент
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија да

 

Дефиниција

Показателот ја покажува вкупната површина под шума и другите површини под шуми, односот на оваа површина во вкупната површина на земјата, како и учеството на шумските предели кои се природно обновени и пошумена површина, површина под шуми наменета за производство, како и шуми наменети за заштита на почвата, водата, екосистемот и биодиверзитетот.

Под поимот шума се подразбира шумски екосистем кој постои на шумско земјиште обраснато со шумски видови дрвја и грмушки, голини непосредно до шумата, како и други голини и ливади внатре во шумата, шумски расадници, шумски патишта, семенски плантажи, противпожарни просеки во шума, ветрозаштитни појаси на површина поголема од два ари, како и шума во заштитените подрачја.

Шумско земјиште e земјиште на кое има шума или кое поради своите природни својства е најповолно за одгледување на шума, како и земјиште на кое се наоѓаат објекти наменети за стопанисување со шумите.

Стопански шуми првенствено се користат за трајно производство на дрвни сортименти и други шумски производи и услуги.

Шуми во заштитените подрачја се прогласуваат согласно со Законот за заштита на природата.

Единици
  • km2, ha и %.
Клучно прашање за политиката

Каков е трендот на вкупната површина под шума и другите површини под шуми?

Клучна порака

Во разгледуваниот период, односот на вкупната површина под шума во вкупната површина на земјата, се движи помеѓу 35,5% и 39,2%, површината под шума била најголема во 2021, а најмала во 1990 година. Во 2023 година има намалување на вкупната површина под шума за 15% во однос на 1990. Во 2023 година во однос на 2021 година исто така се забележува намалување на површините под шума за 4%.
За површина под шумско земјиште има податоци само од 2010 година. Уделот на површината на шумското земјиште во вкупната површина на земјата од 2010 до 2015 година пораснал за 56,0%, но потоа од 2016 до 2023 година постојано опаѓа за 31,48%. Ова најверојатно се должи првенствено на штетите во шумите предизвикани од пожари и бесправна сеча.
Процентот на пошумена површина со нови шуми има променлив тренд на намалување и зголемување на површините, во однос на 1990 во 2023 година бележи значителен пад од 90,90%. 
Во Република Северна Македонија неопходно е да се превземат конкретни мерки за одржливо управување со шумите, за да може да се постигне целта во 2020 година, уделот на површините со шуми и шумско земјиште во вкупната површина на републиката да изнесува 48,8%

График 1. Удел на вкупната површина под шума и другите површини под шуми во вкупната површина на земјата

 

 

 

График 2. Удел на пошумена површина во вкупната површина на земјата

 

 

 

График 3. Удел на стопански, повеќенаменски шуми и површина на шуми во заштитените подрачја во вкупната површина на земјата

 

Опфат на податоци: excel

Извор на податоци: Државен завод за статистика

Оценка

Шумите, освен стопанска, имаат и функција на заштита на природата преку заштита на биодиверзитетот и заштита од ерозија. Тие се од голема важност за одржливиот развој заради влијанието што го имаат врз климата, режимот на водите, производството на кислород и квалитетот на животната средина. 
Во разгледуваниот период, односот на вкупната површина под шума во вкупната површина на земјата, се движи помеѓу 35,5% и 39,2%, површината под шума била најголема во 2021, а најмала во 1990 година. Во 2023 година има намалување на вкупната површина под шума за 15% во однос на 1990. Во 2023 година во однос на 2021 година исто така се забележува намалување на површините под шума за 4%.
За површина под шумско земјиште има податоци само од 2010 година. Уделот на површината на шумското земјиште во вкупната површина на земјата од 2010 до 2015 година пораснал за 56,0%, но потоа од 2016 до 2023 година постојано опаѓа за 31,48%. Ова најверојатно се должи првенствено на штетите во шумите предизвикани од пожари и бесправна сеча.
Процентот на пошумена површина со нови шуми има променлив тренд на намалување и зголемување на површините. Во периодот од 1990 до 2001 година има значителен пад од 52,8%, потоа, до 2003 година има пораст од 53,2%, па повторно пад од 37,3% до 2007 година. Најголем пораст има од 2007 до 2009 година од 120.2%, за потоа да има и најголем пад од 90,90% до 2023 година. 
Уделот на стопански шуми во вкупната површина на шуми, во периодот од 2010 до 2023 година, има пораст од 5%, уделот на повеќенаменските шуми има пад од 4%, а уделот на површините на шуми во заштитените подрачја има пад од 15%, во вкупната површина на шуми. Ова укажува на фактот дека зголемување има само кај шумите од кои има економски бенефит. 
Постојаното намалување на светскиот фонд на шуми и шумско земјиште е еден од најголемите светски еколошки проблеми, со сериозно негативно влијание на климата, здравјето на луѓето, намалување на животинската популација како и на светската економија, за жал овој тренд се забележува и во Република Северна Македонија, па затоа е неопходно да се превземат конкретни мерки за одржливо управување со шумите, за да може да се постигне целта во 2020 година, уделот на површините со шуми и шумско земјиште во вкупната површина на Републиката да изнесува 48,8%.

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Показателите се добиваат од извештајните единици кои ги доставуваат со редовните статистички извештаи, со книговодствена евиденција, а се врз основа на посебните планови за стопанисување на шумите.

Цели

Согласно Просторниот план на Република Северна Македонија предвидено е зголемување на површините со шуми и шумско земјиште, односно, во 2020 година уделот во вкупната површина на Републиката да изнесува 48,8%.

Обврска за известување
  • UNECE/FAO
  • FOREST EUROPE, Извештај за „Состојба на шумите и одржливо управување со со шумите во Европа“
  • FAO, Оценки на глобалните шумски ресурси (FRA)

Општи мета-податоци

 

Тема Шумарство Поврзаност со други теми/сектори Воздух, Климатски промени, Вода, Почва и користење на земјиште, Природа, Земјоделство
Код на индикаторот MK НИ 052 Временска покриеност 1990-2021
Име на индикаторот Шуми и шумско земјиште Извор на податоци Државен завод за статистика
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 01.11.2022
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта: k.nikolovska@moepp.gov.mk
 

Поврзаност со други индикатори

 

МК НИ 052 Шуми и шумско земјиште EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа D3. Forests and other wooded land
Каталог на индикатори за животна средина 101 Share of forest area
SDG – Цели за одржлив развој 15, Indicator 15.1.1 Forest area as a proportion of total land area Eurostat_sdg_15_10 Share of forest area
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не
 
Дефиниција

Показателот ја покажува вкупната штета во шумите направена од бесправна сеча, по години, на ниво на држава и по статистички региони изразена во m3дрвна маса.Бесправна сеча е секоја сеча која во државните шуми се врши без одобрение од надлежните органи.

Единици
  • m3 и %.
Клучно прашање за политиката

Каков е трендот на штетата направена во шумите со бесправна сеча?

Клучна порака

Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2023 година се зголемила 2,3 пати. Во разгледуваниот период бележи променлив тренд на намалување и зголемување. Штетата во 2010 година била најмала и изнесувала 11.557 м3 за да го достигне пикот во 2019 година, со вкупна исечена дрвна маса од 45.795 м3. Во 2023 во однос на 2022 година има зголемување за 1,47% на количеството на бесправна сеча.
Разгледувајќи по удел на штета во шумите од бесправна сеча по региони, во вкупната сеча на ниво на држава, најмногу штета се забележува во Скопскиот регион, со удел кој се движи помеѓу 28,4% (2011) и 80,8% (2016), по кој следува Пелагонискиот регион. Во 2023 година, најголем удел во вкупната сеча на ниво на држава, 66,7%, се забележува во Скопскиот регион, а најмал во Североисточниот регион, 0,1%.
Најголем пад во 2023 година, во однос на годината кога количината на бесправно исечена дрвна маса била најголема, има во Североисточниот (99,5%), Источниот (91,6%), Југоисточен (81,2%),  Југозападен (80,5%) и Вардарски регион(78,1%).

 

График 1. Вкупна штета во шумите од бесправна сеча, по години

 

 

График 2. Удел на штета во шумите од бесправна сеча по региони, во вкупната сеча на ниво на држава

 

Опфат на податоциexcel

Извор на податоци: Државен завод за статистика

Оценка

Шумите, како богатство од општ интерес во Република Северна Македонија уживаат посебна заштита и без оглед на сопственоста и намената иамат повеќекратни функции: производна (производство на дрво и други производи од шумата), заштитна (заштита на земјиштето и објектите од ерозија, порои и поплави) и општокорисна функција (кои се во насока на одржлив развој и унапредување на животна средина). Со цел да се одвива непречено производство, а без притоа да се наруши заштитната и општокорисната функција на шумите особено е значајно да се спроведат мерки и активности за зачувување на здравствената состојба и виталност на шумите од противправно присвојување и користење, бесправни сечи, пожари, растителни болести и штетници и други оштетувања. 
Штетата во шумите направена од бесправна сеча во периодот од 2010 до 2023 година се зголемила 2,3 пати. Во разгледуваниот период бележи променлив тренд на намалување и зголемување. 
Од графикот 1 може да се види дека штетата во 2010 година била најмала и изнесувала 11.557 м3 за да наредната година бележи раст од над 100% достигнувајќи 25.189 м3. Потоа, до 2018 година, количината на бесправно исечена дрвна маса има променлив тред на зголемување и намалување, за да го достигне пикот во 2019 година, со пораст за 88,3%, во однос на 2018 година. Во 2023 во однос на 2022 година има зголемување за 1% на количеството на бесправна сеча. Разгледувајќи по удел на штета во шумите од бесправна сеча по региони, во вкупната сеча на ниво на држава, најмногу штета се забележува во Скопскиот регион, со удел кој се движи помеѓу 28,4% (2011) и 80,8% (2016), по кој следува Пелагонискиот регион. Во 2023 година, најголем удел во вкупната сеча на ниво на држава, 66,7%, се забележува во Скопскиот регион, а најмал во Североисточниот регион, 0,1%.
Најголем пад во 2023 година, во однос на годината кога количината на бесправно исечена дрвна маса била најголема, има во Североисточниот (99,5%), Источниот (91,6%), Југоисточен (81,2%),  Југозападен (80,5%) и Вардарски регион(78,1%).

Методологија
  • Методологија за пресметка на индикаторот

Показателите се добиваат од извештајните единици кои ги доставуваат со редовните статистички извештаи, со книговодствена евиденција, а се врз основа на посебните планови за стопанисување на шумите.

Цели

Намалување наштета во шумите направена од бесправна сеча.

Општи мета-податоци

Тема Шумарство Поврзаност со други теми/сектори Климатски промени, Почва и користење на земјиште, Земјоделство, Природа,
Код на индикаторот MK НИ097 Временска покриеност 2010-2023
Име на индикаторот Штета во шумите од бесправна сеча Извор на податоци Државен завод за статистика
Класификација по ДПСИР С Датум на последна верзија 13.08.2024
Тип А Подготвено/ажурирано од: Катерина Николовска
Арминда Рушити
Фреквенција на публикување Годишно Контакт e-пошта :
k.nikolovska@moepp.gov.mk
a.rushiti@moepp.gov.mk

  Поврзаност со други индикатори

 

МК НИ 097 Штета во шумите од бесправна сеча EEA – Европска агенција за животна средина нема еквивалент
UNECE – Економска комисија на Обединетите нации за Европа нема еквивалент
Каталог на индикатори за животна средина нема еквивалент
SDG – Цели за одржлив развој 15, Indicator 15.1.1 Forest area as a proportion of total land area Eurostat_sdg_15_10 Share of forest area
GGI – Индикатори за зелен раст да
Кружна економија не

 

Мени за пристапност