НУРЕДИНИ: Заштитата на животната средина отвара големи потенцијални за инвестиции и соработка

Nuredini_DubaiМинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи утринава во седиштето на Стопанската комора на Дубаи остварија средба со претседателот и извршниот директор Хамад Буамим и потесниот менаџмент на комората.

На состанокот, вицепремиерот Битиќи истакна дека Стопанските комори се креатори на идеи кои нудат решенија за реалните проблеми на бизнисот и ги презентираше можностите за инвестирање во нашата држава, посочувајќи дека Северна Македонија нуди широк избор на можности за поддршка за инвестиции во производството, енергетскиот сектор, земјоделството, градежништвото, туризмот, но и за заштита на животна средина во делот за фабрики за обработка на отпад, како дел од циркуларната економија.

„Северна Македонија презема сериозни чекори за зачувување на животната средина и заштита на природните ресурси кои се важни за сите граѓани, како што се водата и воздухот“ рече Нуредини, додавајќи дека тековно се реализираат голем број на комунални инфраструктурни објекти и пречистителни станици, а во план е да се реализираат и неколку инвестиции во фабрики за преработка на отпад, за унапредување на циркуларната економија и паметно искористување на достапните ресурси.

Соработката помеѓу Северна Македонија и Емиратот Дубаи има потенцијал да се развива со побрза динамика од досегашната, заклучија на состанокот вицепремиерот Битиќи, министерот Нуредини и претседателот на Стопанската комора на Дубаи, Буамим и притоа се согласија да се продолжи меѓусебната комуиникација и да се разменат дополнителни информации на сите нивоа, за да се зголемат можностите за економска соработка.

На средбата како придружба присуствуваа и амбасадорот на нашата земја во ОАЕ, Абдулкадар Мемеди, како и претставници на четирите најголеми стопански комори: Антони Пешев (извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (Претседателка на МАСИТ).

Во рамки на дводневната посета, официлната делегација ќе биде дел од денешната свеченост по повод Националниот ден на Северна Македонија на Експо Дубаи 2020, а ќе учествува и на утрешната Бизнис конференцијата.