Презентиран Иницијалниот извештај за карактеризација на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро

prezentacija3(16.02.2016г.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, денеска, ja отвори презентацијата на Иницијалниот извештај за карактеризација на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро, подготвен во согласност со европската рамковна директива за води.

- Подготовката на Иницијалниот извештај за трите езера претставува важен чекор за крајбрежните држави кон управување со речни сливови во согласност со европското законодавство. Добар квалитет и одржливо управување со водите е заедничка цел на оваа регионална соработка меѓу министерствата, надлежните органи, универзитети, невладини организации и експерти од трите држави Македонија, Албанија и Црна Гора, притоа користејќи ја експертизата од германските експерти и добрите европски практики – изјави министерот Изаири во своето обраќање.

Извештајот, е изработен во рамки на проектот: „Заштита и одржливо искористување на биодиверзитетот на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро“ и е обврска согласно Европската рамковна директива за води која е имплементирана во македонскиот Закон за води. Во исто време тој претставува придобивка кон националните информативни системи за животната средина и придонесува за создавање на заедничка база на податоци за квалитетот на водите, а со тоа и подобрување на размената на знаења и одржливо управување со водните ресурси за трите држави.

Проектот е финансиски поддржан од Германското федерално министерство за економска соработка и развој, а е имплементиран од страна на Германското друштво за интернационална соработка-ГИЗ.