Презентирани секторските приоритети и реформи на МЖСПП на краток и среден рок

На денешниот состанок на Секторската работна група за животна средина и климатска акција со која претседава министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, се разговараше за секторските приоритети и реформи во оваа област што треба да се спроведат на краток и среден рок, земајќи ги предвид релевантните стратегии во секторите, стратешкиот одговор и релевантни цели и индикатори. 

Презентирани секторските приоритети и реформи на МЖСПП на краток и среден рок

  • Северна Македонија вложува значителни напори за усогласување на своето законодавство и системи со законодавството и политиките на ЕУ за животната средина и клима – истакна Нуредини во воведното обраќање, нагласувајќи дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ ќе го интензивира процесот на усогласување на законодавството и ќе стави нов фокус на спроведувањето. 

Според секторските стратегии на МЖСПП што се усогласени со меѓународните договори, и со регионалните стратешки документи, пред се со „Зелениот договор“ и „Зелената агенда“ за Западен Балкан, како приоритетни цели што треба да ги постигне се посочени: Оптимизација на управувањето со водите и намалување на  влијанието на цврстиот отпад врз животната средина; Зачувување, обновување и управување со природните ресурси и промовирање на нивната одржлива употреба; Намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот и подобрување на отпорноста на влијанијата од климатските промени и Подобрување на креирањето политики и спроведувањето на законите. 

Проценетите трошоци за усогласеност со релевантното законодавство на ЕУ за целиот еколошки сектор се големи и инструментот за претпристапување ќе игра значајна улога во обезбедувањето финансиска поддршка заедно со државниот буџет, мегународните финансиски институции и други донатори.

Целта на состанокот беше не само да се информираат  меѓународните донатори и донаторските институции за секторските приоритети, туку и да се повикаат на активно вклучување и пооддршка во постигнувањето на поставените цели.