НУРЕДИНИ: Усвоен Предлог – Законот за Студенчишко Блато, се исполнува препораката на УНЕСКО

На денешната 85-та Седница, Владата на Република Северна Македонија го усвои Нацртот на Законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, по што истиот ќе се достави до Собранието на понатамошно постапување.

studen-blato

Донесувањето на овој Закон, освен што значи исполнување на препораката на УНЕСКО, ќе овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

На истата Седница, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, по што ќе се пристапи кон изработка на Нацрт Законот. Предлогот за прогласување на ова подрачје за заштитено е поткрепен со Студија за валоризација на Белчишко Блато-Парк на природата изработена во согласност со Законот за заштита на природата и е основа за подготовка на Предлог Закон за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје.