Стартува проектот – Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии

1(28.05.2015 г) – Со реализацијата на овој проект очекуваме сериозни резултати во однос на спроведување на конкретни мерки во примената на системите за управување со енергијата и енергетските ресурси, што е во контекст на остварување на целите на Владата на РМ и на МЖСПП за намалување на емисиите на стакленички гасови од страна на индустрискиот сектор.

Очекуваме проектот да придонесе кон зајакнување на националните капацитети и зајакнување на политиките за енергетска ефикасност во индустријата, како и дополнување на постојната законска рамка во оваа сфера. Со тоа ќе се создадат услови за зголемено инвестирање во енергетска ефикасност во индустријата – истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на отварањето на почетната работилница на проектот “Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии”, која денес се одржа во х. Александар Палас во Скопје.

Проектот се спроведува од Програмата на Обединетите Нации UNIDO во соработка со Регионалниот центар за животна средина – канцеларија во Македонија, а корисници на проектот се Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија, Агенцијата за енергетика и Македонската банка за поддршка на развојот. Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF).

Според зборовите на заменик министерот Темелковски, МЖСПП во проектот учествува на неколку нивоа и тоа:

  • Ќе работи на подобрување на управувањето со податоци за енергетска ефикасност на централно ниво, такашто ќе се изврши поврзување на системите за тргување со емисии, за интегрирани еколошки дозволи, како и системите за мониторинг, верификација и известување. Притоа ќе се изработи таканаречената “Energy Linking Map”за да се поедностави известувањето на инсталациите што примениле систем за управување со енергија, а во иднина ќе имаат обврска да известуваат согласно EU ETS шема;
  • Ќе помогне да се изврши проценка на потенцијалот за трансфер на технологии за намалување на ефектите на климатските промени и
  • Ќе учествува на обуки за зајакнување на техничкиот капацитет за развивање, спроведување и надзор врз енергетската ефикасност во индустријата и политиките за ублажување на климатските промени.

На настанот се обратија и заменик претседател на Влада задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, раководителот на проектот, одделение за енергија при UNIDO, Марко Матеини и директорот на РЕЦ, Канцеларија во Македонија, Катарина Георгиевска.