Работилница за развој на капацитети за адаптација кон климатските промени на УНЕСКО локалитети

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, денеска, имаше поздравно обраќање на отворањето на работилницата за градење на капацитети во рамките на проектот „Градење на иднина отпорна на климатски промени: развој на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во избрани локалитети на УНЕСКО во Југоисточна Европа“, која од 17 до 21 октомври 2022г. се одржува во Охрид.Zamenik_UNESCO_3

Проектот ќе придонесе, регионот на Југоисточна Европа да стане поотпорен на климатските промени, а негова цел се УНЕСКО локалитетите од земјите-кориснички: Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, и Србија.

Заменик министерката Оџаклиеска истакна дека нашата држава, која припаѓа на еден од најранливите региони на климатските промени во светот, има богата и единствена биолошка разновидност и културно наследство, создадено со влијанија на различни култури и традиции.Zamenik_UNESCO

- Охридскиот Регион е едно од ретките УНЕСКО подрачја заштитени поради неговото природно и културно наследство. Но, тоа е и пример за подрачје што е под сериозен притисок од човекот, како и од климатските промени – рече Оџаклиеска, додавајќи дека Министерството за животна средина го препознава богатото културно и природно наследство во нашата држава, како едни од најранливите сектори на климатските промени.Zamenik_UNESCO_2

Затоа, според неа, исклучително е важно адаптацијата кон климатските промени да биде вклучена во сите постојни и идни владини политики, во согласност со подготовката на Националниот план за адаптација кон климатските промени. Додека, имајќи ги предвид прекуграничните ефекти на климатските промени и меѓународните заштитени подрачја, за долгорочна, посеопфатна и поквалитетна заштита најчесто, како држави, сме и обврзани на поблиска меѓународна соработка, впрочем како што е и оваа работилница, која овозможува подобрена комуникација, поквалитетно заедничко планирање и размена на идеи и искуства.Zamenik_UNESCO_1

Работилницата ја организира Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, во соработка со Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија. Учество земаа претставници од органите за управување со УНЕСКО локалитетите од Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, и Србија, но и другите клучни чинители и експерти на полето на: климатските промени, управувањето со ризици од катастрофи и заштитата и промоцијата на биосферните резервати и локалитети од светското наследство.