Презентирани резултатите од првата фаза на Студијата за опасен отпад во Република Македонија.

DSC_0922

Денеска, во Стопанската комора на Македонија, во рамките на проектот „Интегрирано спречување и контрола на загадувањето во Македонија“ одржана е тркалезна маса,  на која пред заинтересираната јавност се презентираа резултатите од првата фаза на Студијата за опасен отпад во Република Македонија.

На настанот присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири кој пред присутните рече:

-Целта на денешнава тркалезна маса е да се информира пошироката заинтересирана јавност околу подготовката на физибилити студијата за  постапување со опасниот отпад кој се генерира во Република Македонија. Имено, Министерството за животна средина и просторно планирање беше задолжено од Владата на Република Македонија да ја подготви Студијата и до крајот на јануари 2015 година да ги презентира резултатите и насоките кои ќе произлезат од истата.

Студијата ја подготвивме во рамките на проект финансиран од Владата на Кралството Норвешка, за што уште еднаш во оваа прилика би сакал јавно да им се заблагодарам за поддршката која несебично и ја даваат на нашата држава. Taa треба да ги даде насоките во кои ќе се движат идните политики за упаравување со опасниот отпад во државата и да даде прецизни податоци во однос на количините на опасен отпад кои се генерираат и можните начини за постапување. Денешнава средба е можност да ги продискутираме резултатите добиени од првата фаза од изработката на студијата и да размениме искуства. Податоците покажуваат дека во моментов постои недостаток на соодветен систем за управување со опасниот отпад, недоволен институционален капацитет и реална примена на прописите од оваа сфера.  Актуелниот начин на управување со отпадот, за жал во Република Македонија може да се карактеризира како субстандарден од аспект на човеките и финансиските ресурси, како и непостоење на соодветен систем за известување односно следење на видовите и количините на опасниот отпад од надлежните институции соодветно со законските прописи. Сите овие фактори може да резултираат со значително загадување на животната средина и загрoзување на човековото здравје. Затоа предлагам да ја чуеме најпрво презентацијата за досегашните резултати опфатени во оваа верзија на студијата и да ги слушнеме насоките кои се дадени, а потоа заеднички да ја коментираме и секако да дадеме свои мислења или конкретни предлози.