Презентирани последните активности на МЖСПП за справување со аерозагадувањето

Со презентација на последните активности на Министерството за животна средина и просторно планирање за справување со аерозагадувањето во нашата држава, министерот Насер Нуредини денеска го отвори настанот со кој отпочна имплементацијата на проектот „Системски пристап за проценка на врската помеѓу загадувањето на воздухот и човечката мобилност и мејнстриминг на врската за развој на политики во Република Северна Македонија“, спроведуван од МЖСПП во партнерство со Меѓународната Организација за Миграција (ИОМ), Универзитетот Бирмингам и Универзитотот на Југоисточна Европа.

aerozagaduvanje_1

- Пред неколку дена присуствував на презентацијата на резултатите од студија за изворите на аерозагадување фокусирана на Скопје, сега започнува ваква истражувачка работа и во Тетово, и тоа е особено важно за нас како Влада и креатори на полики за решавање на ова прашање. Ние како Министерство работевме на подобрување на легислативата, ги објавивме Листите на општини кои мора да изготват акциски планови за справување со аерозагадувањето, ја ставивме во полна функција мониторинг мрежата и истата ја проширивме. Работиме со Владата и локалната самоуправа на стимулирање на инвестиции во енергетска ефикасност и промена на методите на греење. Веќе забележуваме подобрувања, но секако дека мора посериозно да се позанимаваме и со транспортот, ако сакаме да постигнеме вистински резултати -порача министерот Нуредини.