Пивара Скопје доби нова А – Интегрираната еколошка дозвола за превенција и контрола на загадувањето

Pivara-A_ied_1(22.01.2020г.) „Новата А-интегрирана еколошка дозвола претставува потврда за сите досегашни напори и вложувања на Пивара Скопје во заштита на животната средина и истовремено претставува гаранција дека компанијата во својата работа целосно и во континуитет ќе продолжи да ги применува највисоките стандарди во оваа област предвидени со нашето законодавство, почнувајќи од изборот на суровини, преку контролата на процесот на производство, дистрибуција и продажба, па сè до управувањето со амбалажата“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на доделувањето новата А-интегрирана еколошка дозвола со важност во наредните седум години на Пивара Скопје.

Имено, делегација од Министерството за животна средина и просторно планирање предводена од министерот Насер Нуредини, ја посети Пивара Скопје АД Скопје, при што беше и официјално врачена обновената А – Интегрирана еколошка дозвола за превенција и контрола на загадувањето.

Со овој документ се потврдуваат дополнителните вложувања и одржувањето на највисоко ниво на контролата на можно влијание на компанијата врз животната средина. Со новата еколошка дозвола се опфатени и проценети сите измени во инфраструктурата и технолошките процеси кои Пивара Скопје ги има направено во периодот од добивањето на претходната еколошка дозвола, издадена во август 2012-та година, до денес.

Поддршка кон успешното заокружување на процесот и добивање на новата еколошка дозвола дадоа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, како и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски

За време на посетата, групата придружена од амбасадорот на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз и амбасадорот на Кралството Холандија Н.Е. Дирк Јан Коп, ги разгледа погоните на Пивара Скопје, каде стручни лица им го претставија процесот и долгата традиција на производство на пиво, а беше посетена и постројката каде се произведува пијалокот Кока-Кола.

Посетена беше и Станицата за био-третман на водите, што претставува високотехнолошка иновација во домашната индустрија и обезбедува заштеда и целосно прочистување на целокупната вода што се користи во производствениот процес.