Македонска Каменица ќе добие современ систем за селекција и одложување на отпадот

Makedonska Kamenica _Ana Petrovska_1(01.08.2019г.) Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, денеска оствари работна средба со градоначалникот на Македонска Каменица, Соња Стаменкова на тема „Придобивки од спроведувањето на проектот за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион во општина Македонска Каменица“, на кој присуствуваа и членовите на Советот на општина Македонска Каменица, директорот и претставници од ЈП Камена Река.

При тоа се разговараше за моменталните состојби и начини на кои општина Македонска Каменица се справува со складирањето и управувањето со отпадот.

Во рамки на настанотпосетена е постоечката депонија, која комплетно ќе се расчисти и остварена е средба со локалните жители кои изразија задоволство од релизација на проектните активности со кои системски ќе почне да се решава проблемот со дивите депонии кои претставуваат и потенцијална опасност по здравјето на жителите кои живеат во непосредна близина на истите.

Главни придобивки од проектот ќе бидат чистење на постојната депонија во општината, изградба на нова претоварна станица, а комуналното претпријатие ќе добие нов камион за собирање на отпадот и нови контејнери за селекција на отпадот.

На средбата со граѓаните беше истакната потребата од заеднички акции на општината, министерството и локалните НВО-а за едукација и подигнување на јавната свест кај локалното население за поитно да профункционира селекцијата и правилното одложување на отпадот, при што постојано ќе се надгледува реализацијата и ќе се овозможи подобра контрола и увид во функционирањето на целиот систем.

Сите предвидени решенија од проектот ќе бидат имплементирани во согласност со постојните ЕУ стандарди од оваа област.