Женева: РСМ се залага за формирање на регионална работна група на Западен Балкан за справување со аерозагадувањето

ZamenikZeneva_1(12.12.2019г.) На панелот за високи претставници што се одржува во Женева, Швајцарија, во рамки на одбележувањето на 40-годишнината од Конвенцијата за далекусежно прекугранично загадување на воздухот (CLRTAP), како единствен претставник од регионот, се обрати и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Во својот говор, заменик министерот ги образложи конкретните активности на нашата држава кои се однесуваат на имплементацијата на Конвенцијата и протоколите кон неа.

- Во проектот за квалитет на воздух од IPA 2 програмата, кој ќе започне во последниот квартал од 2020 година и ќе трае 2 години, веќе се испланирани следните активности: пресметки на проекциите на националните емисии на основните загадувачки супстанци, подготoвка на Национална програма за контрола на аерозагадувањето за период 2020-2030 година, како и подготовка на имплементационен план за NEC директивата (Директива за национални емисиони граници-плафони) 2016/2284/ЕC, која се однесува на дефинирање на национални емисиони граници и во која се земени предвид амандманите на Гетеборшкиот протокол (протокол кон CLRTAP) – рече заменик министерот Макрадули.

Образложувајќи ги моменталните состојби со аерозагадувањето, тој ги презентираше мерките и активностите во рамки на Планот за чист воздух, како приоритет на Владата, како и својата заложба за формирање на регионална работна група од земјите на Западен Балкан за поефикасно справување со аерозагадувањето, кое е заеднички проблем, а според последниот извештај на Светската банка, 30% припаѓа на прекуграничното загадување.