Државниот секретар Шукова на панел дискусија за институционалните капацитети за заштита на животната средина

Државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, денеска учествуваше во панел дискусијата на тема „Институционалните капацитети за заштита на животната средина“, чија цел е дефинирање на предизвиците со кои се соочуваат институциите на централно и на локално ниво во поглед на спроведувањето на законодавството од областа на животната средина, вклучително и стратегијата на државата за надминување на утврдените предизвици.

Настанот го организираше здружението на млади правници (МЗМП) во рамки на проектот „Акција за унапредена правна и институционална заштита на водите“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, и започна со презентација на документот за јавни политики „Институционални капацитети на Секторот за води за управување и заштита на водите“ изработен од МЗМП. 

Државниот секретар Шукова на панел дискусија за институционалните капацитети за за

Во своето обраќање, Шукова ги сподели моменталните предизвици со кои се соочува Министерството за животна средина и просторно планирање при спроведувањето на законодавството од областа на животната средина, а детално ги образложи активностите, изработените и предвидените долгорочни решенија што Министерството планира да ги спроведе во таа насока.

IMG_20221205_162249

Основа за денешната панел дискусија беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија во поглавјето 27, каде во континуитет се утврдува дека државата има недоволен  административен капацитет за спроведување на законодавството од областа на животната средина на централно и локално ниво, како и во однос на спроведувањето на инспекцискиот надзор. Дел од дискусијата се базираше и на фактот што државата се соочува со сериозни предизвици и во однос на институционалните капацитети за следење, заштита и управување со водите, додека истражувањата укажаа на потреба од зајакнување на спроведувањето на законодавството од областа на водите и подобрена меѓу – институционална координација.