Презентиран вториот извештај во сенка за Поглавје 27

Вториот извештај во сенка за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени беше промовиран денеска, на настан што го отвори заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска.

Извештајот, во кој се анализирани состојбата со усогласувањето и спроведувањето на законодавството за животна средина и клима во 2022 година во Република Северна Македонија, е изработен во рамките на проектот „Анализа на напредокот на усогласеноста и имплементацијата на ЕУ законодавството за животна средина и климатски промени со националното законодавство”, спроведуван од Центарот за климатски промени, со финансиска поддршка на Фондација отворено општество Македонија (ФООМ). Во неговата изработка вклучена е и Платформа 27, неформална мрежа на граѓански организации кои работат во областа на животната средина и климатските промени.Poglavje_27

Напоменувајќи дека Поглавјето 27 е едно од најобемните и најкомплексни поглавја кое бара многу вложувања, ангажирање и консолидирање на сите општествени чинители, заменик министерката Оџаклиеска во воето воведно обраќање истакна:

- Министерството за животна средина и просторно планирање, како одговорен орган за координација на Кластер 4 – Зелена агенда и одржлива поврзаност,  во кој е вклучено и Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени, секогаш се стреми и настојува да ја зголеми соработката, координацијата и комуникацијата со сите општествени чинители. Спроведувањето на Поглавјето 27 бара сериозни промени не само во областа на животната средина и климатските промени, туку и во останатите сектори, институции и поглавја.

Според неа, извештајот може и треба да биде алатка не само на органите на управата, туку и одредница на работењето на граѓанскиот сектор како партнери во успешно спроведувањето на европската зелена агенда на национално ниво.Poglavje_27_zamenik

- Како и досега, неопходно е јакнење на соработката и интензивирање на комункацијата и координацијата со невладиниот сектор, кој како коректор на политиките и стратегиите на државните органи, ќе придонесе кон подобрување на работата на истите, а со самото тоа и до поквалитетно и поусогласено справување со предизвиците и постигнување на крајнста цел, подобрување на состојбата со животната средина – рече Оџаклиеска.

Извештајот во сенка за Поглавје 27 е изработен во соработка со невладиниот сектор, односно со Милиеуконтакт Македонија, Еко-свест и Македонско еколошко друштво (МЕД), со цел да се препознаат, остранат и надминат идентификуваните недостатоци.

Главна цел на проектот, но и на Платформа 27 е да го следи напредокот во усогласувањето на националното законодавство за животна средина и клима со европското, но и да го анализира неговото спроведување на национално и локално ниво и со тоа да биде активен партнер во предпристапните преговори за влез во ЕУ во однос на Поглавјето 27.