Темелковски говореше за хидропотенцијалот на малите хидроцентрали на Првата меѓународна конференција за енергетика во Р.М.

zamenik1(28.09.2016г.) Бенефитите, стандардите и развојот на енергетиката во нашата држава, како и можностите за нов циклус на инвестиции во таа област, беа фокалните точки на Првата меѓународна конференција за енергетика во Р. Македонија. што денеска се одржа во Скопје.

На отварањето, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, говореше за хидропотенцијалот на малите хидро-електрани во Р. Македонија, за кои постојат повеќе истражувања нотирани во разни документи, студии, научни трудови, планови и проекти, стручни расправи и во Водостопанската основа, како основен државен документ.

Тој истакна: „Во оваа прилика вредно е за спомен истражувањето извршено во 1982 г. во „Студијата за можни мали и мини хидроелектрани во Република Македонија“, изготвена од страна на Електротехничкиот, Машинскиот и Градежниот факултет од Скопје. Во оваа Студија согледани се можностите за изградба на 406 мини и мали хидроелектрани, со поединечна инсталирана моќност од 50 kW до 5 МW, односно со вкупна инсталирана моќност од 250 MW и вкупно годишно производство од 1.200 GWh.

Малите хидроелектрични централи, со моќност до 10 MW спаѓаат во групата на обновливи извори на енергија за кои постои соодветна поддршка и кои придонесуваат за намалување на емисиите на CO2 и немаат негативно влијание врз животната средина. Согласно определбите на Владата на Република Mакедонија за реализација на Проектот „Мали хидроелектрични централи и искористување на обновливите извори на енергија“, МЖСПП, како надлежно министерство за спроведување на постапките за доделување на концесија за користење на вода, изработи “Физибилити студијата за оправданост на доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на 80 мали хидро-електрични централи”, и врз основа на неа ги спроведе шестиот и седмиот тендер за реализација на вакви енергетски објекти.

Шестиот тендер за доделување концесија за користење на вода за 80 мали хидро-електрични централи е спроведен во 2014 година, врз основа на кој се одвиваат активности за 28 МХЕЦ со инсталирана моќност од околу 29 МW.

Седмиот тендер е објавен во февруари оваа година и со истиот се опфатени 35 локации од Студијата, со проценета инсталирана моќност од околу 28 MW. Постапката за избор на најповолна понуда е во завршна фаза, по што ќе се објават и Одлуките за избраните понудувачи.

Министерството во тековнава година спроведе дополнително уште една постапка за 11 мали хидро-електрични централи, на локации предложени од заинтересирани правни и фоизички лица за кои се утврди дека постојат реални услови за реализација.

Во наредниот период, планираме да започнеме постапка за изработка на Физибилити студија за оправданост, на нови локациии за Мали хидро-центарли, со што ќе се продолжи со реализацијата на една од долгорочните цели на Владата на РМ во енергетскиот сектор, за зголемено искористување на обновливите енергетски извори и производство на еколошки чиста „зелена електрична“ енергија.“

Конференцијата е организирана од страна на консултантските фирми „Манасков“ и “Технички Консалтинг“, во соработка со Сојузот на стопански комори на Р.М.