Преку ИПА програмата ќе се проширува канализационата мрежа во општина Куманово

1 - kumanovoМинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, денеска, во просториите на општината, остварија средба на која се договорија за подготвителните работи за изработка на техничка документација за проширување и рехабилитација на канализациониот систем во градот Куманово, проект кој е финасиран во рамките на ИПА програмата.

Потенцирајќи дека Куманово е еден од осумте градови во Република Македонија кои имаат пречистителна станица за отпадни води, министерот Изаири додаде:

„Очекуваме со проектот да се подобрат условите на граѓаните во општина Куманово за собирањето и одведување на урбаните отпадни води, да се решат одредени проблеми кои се јавуваат со канализационата мрежа, да се поврзат одделни населби со колекторскиот систем на градот, како и да се изгради канализација во одделни населби каде истата не постои. Воедно, проектот директно ќе придонесе и кон подобрување на работата на пречистителната станица.“

Градежните работи на канализационата мрежа, кои исто така ќе бидат финансирани преку ИПА и кофинансирани од националниот буџет, предвидено е да започнат најдоцна до декември оваа година преку посебен договор со градежна фирма која ќе биде избрана преку транспарентна тендерска процедура.

Планирано е објавата на тендерот за спроведување на проектот да се случи во јуни, а се очекува градежните активности да започнат во декември 2015 година. Самата градба е во износ поголем од 5 милиона евра од кои 15% е контрибуција од државниот буџет и 85% контрибуција од ИПА фондовите на Европската Унија.