Почна рехабилитација и доградба на канализациската мрежа во о. Берово

zamenik_stevo-temelkovski1(12.10.2016г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Р.Македонија и градоначалниците на Берово и Пехчево, Драги Наџински и Игор Поповски денеска, во Берово го означија почетокот на градежните работи на проектот “Рехабилитација и доградба на канализационата мрежа во општина Берово”.

Во своето обраќање, заменик министерот Темелковски истакна:

- Проектот предвидува мерки за надградба на постојниот систем за отпадни води, кои ќе придонесат за подобрување на санитарните стандарди за населението, намалување на проблемите во одржувањето на системот, заштита на водните текови, како и правилно функционирање на пречистителната станица во општината.

Инвестицискиот проект, со вкупна вредност од 3.863.186 евра, вклучува изградба на мрежа на отпадни води во должина од околу 25 километри, а предвидени се и рехабилитација и замена на идентификувани критични делници во постоечката канализација во Берово и Пехчево, како и проширување и изградба на нова канализација во зони кои во моментот не се покриени со услуги на собирање на отпадните води.

Градежните работи ќе се одвиваат на левиот и на десниот брег на реката Брегалница во Берово, на Беровското Езеро, во самата општина Берово, во населените места Владимирово и Смојмирово, како и во општина Пехчево и населеното место Чифлик.

Со реализација на проектот се очекува да се решат и проблемите со појава на поплави во периодите на дождови со јак интензитет и загадувањето на река Брегалница со отпадни води.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени преку Инструментот за предпристапна помош компонента 3, а крајни корисници се Министерството за животна средина и просторно планирање и општина Берово.