ЈАВНОСТА ТРЕБА ДА Е ТОЧНО ИНФОРМИРАНА

ScreenshotНа национално ниво, годинава ќе почне постапка за финално отстранување на линданот и неговите нуспродукти од една од локациите од кругот на фабриката ОХИС, каде што тие биле неправилно депонирани, и третман на контаминираната почва. Целиот процес ќе се одвива контролирано, од обучен и стручен персонал, со највисок степен на мерки за заштита.

Имено, на две локации во кругот на фабриката ОХИС во Скопје неправилно се депонирани големи количества опасни нуспродукти од процесот на производство на линданот во периодот од 1964 година до 1977 година.

Целосното отстранување на линданот од сите локации каде што е присутен како и соодветно третирање на почвата и подземните води е долгогодишен процес кој бара активно вклучување на повеќе чинители со цел подобра координација, информирање и отстранување на оваа еколошка жешка точка.

Кампањата за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина се спроведува од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД) во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Во рамки на кампањата за информирање на јавноста како дел од повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization) е изработено ова кратко видео.