Продолжува директната комуникација со засегнатите страни и локалните заедници до усогласување по предлог Закон за Шар Планина

Sar_Planina_Predlog_zakon_1По истекувањето на рокот за писмени и усни забелешки по Нацрт Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, МЖСПП пристапи кон анализа на коментарите од јавноста и нова серија на директни средби со засегнатите страни заради ревизија и усогласување на предлогот.

На барање на министерот Нуредини, експертскиот тим составен од стручни лица од МЖСПП, експерти кои ја изработуваа Студијата за валоризација, претставници на UNEP и тимот од Меѓународната Унија за конзервација на природата (IUCN), кој е задолжен за изработката на Планот за управување на идното подрачје, во континуитет преземаат теренски активности и во директни преговори со засегнатите страни ги разгледуваат и решаваат прашањата од Нацрт законот кои се  од интерес на локалното население, активните стопански субјекти во подрачјето, како и пошироката јавност.

Со најкритичните засегнати страни се одржаа и втор круг на средби, со кои веќе се приближија ставовите по спорните прашања.

При теренските активности, конструктивни состаноци и заеднички увиди се спроведени и со градоначалниците и стручните лица на општините Теарце, Врапчиште, Боговиње, ЈП Национални шуми, секторите за ловство, води и шумарство на МЗШВ, ЕЛЕМ Турс ДООЕЛ Скопје и Електрани на Македонија (ЕСМ).

Разговарано е за прашањата кои ќе треба да бидат адресирани во ревидираната верзија на Нацрт законот, како и начинот на вклучување на засегнатите страни и потребите на локалното население во Планот за управување на идниот НП Шар Планина, каде подетално се утврдуваат забранетите и дозволени активности во подрачјето.

Заеднички е ставот дека е неопходно дополнително информирање на населението за тоа што ќе значи за нив прогласувањето на Шара за национален парк и можностите за социоекономски развој, подобрување на инфраструктурата -водоснабдување, комунални услуги, патна инфраструктура,  можностите за развој на локалната економија преку развој на туризмот и туристичките услуги, но и можностите што се отвараат за користење на меѓународни фондови.

За таа цел, експертскиот тим и високите претставници на МЖСПП ќе ја продолжат директната комуникација со засегнатите страни и локалните заедници се до финализирањето на усогласениот предлог Закон за прогласување на Шар планина за национален парк.