Презентиран Планот за квалитет на амбиенталниот воздух за општина Битола

Sostanok_Plan za kvalitet na vozduhДржавниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Каја Шукова учествуваше на онлајн презентацијата на Планот за квалитет на амбиенталниот воздух за општина Битола, кој е изработен во рамките на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс во прекуграничниот регион“ (TRAP).

Во воведното обраќање, државниот секретар Шукова истакна дека во овој втор План за Битолскиот регион, изработен со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, за првпат се вклучени и соседните општини Могила и Новаци.

- Овој регион секоја година се соочува со проблеми со квалитетот на воздухот, особено во грејната сезона, односно зимскиот период. Со цел подобрување на квалитетот на воздухот, изработениот план вклучува анализи на состојба со квалитетот на воздухот, ги детектира изворите на емисии во воздухот и дефинира различни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, како и приоретизација на мерките кои ги таргетираат доминантните извори на емисија – рече Шукова.

Проектот e финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција 2014-2021 година, а се имплементира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и НВО Центар за климатски промени од нашата држава, во соработка со 3 партнерски организации од Грција.