Презентирани резултатите од две проектни активности во рамки на СТАР 5 проектот за заштита на биолошката разновидност

Презентирани резултатите од две проектни активности во рамки на СТАР 5  проектот зMинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, денеска, ја отвори работилницата на која беа презентирани резултатите од активностите за идентификација на шуми со високи природни вредности и специфичните мерки за управување со два избрани пилот еколошки коридори од Предлог Националната еколошка мрежа (МАК-НЕН). Овие две активности се дел од проектот: „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето (СТАР 5)“, кој е финансиран Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а имплементиран преку Програмата за животна средина на ООН (УНЕП) и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во своето воведно обраќање, министерот Нуредини го истакна прогресот на МЖСПП во делот на прогласување на заштитени подрачја во РСМ, појаснувајќи дека економската моќ на државите е многу поголема, доколку заштитените подрачја се користат рационално и одржливо.

- Со прогласувањето на дел од Осоговските Планини, Малешево и планината Водно за заштитени подрачја, како и со донесувањето на на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, во последните три години значително е зголемен проецентот на заштитени подрачја на национално ниво и тоа од 8,9% на 13.9% од територијата на државата. Овие постигнувања и активностите во рамки на СТАР 5 проектот, придонесуваат за унапредување на имплементација на Законот за заштита на природата и стратешките развојни документи како што се Националната стратегија за заштита на природата со Акционен План (2017-2027) и Националната стратегија за биолошка разновидност за период од 2018-2023г., како и за имплементација на ЕУ директивите за живеалишта и птици – рече Нуредини.

Активностите што беа презентирани на денешната работилница се со цел да им се помогне на националните власти да ја подобрат поврзаноста на заштитените подрачја и управувањето со коридорите на живиот свет преку избирање на две пилот подрачја, како и да помогнат при обезбедувањето заштита на биолошката разновидност преку идентификација на клучните шумски живеалишта со зачувана биолошка разновидност и изработка на упатства за управување со шумите за две избрани подрачја.

На настанот поздравни говори имаа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и претставникот од UNEP, Соња Геберт.