Почеток на проектот за намалување на деградација на земјиштето и притисоците од користењето врз природните ресурси во планинските предели

GEF_proekt_1Денеска, официјално започна новиот ГЕФ/УНЕП проект „Промовирање на одржливо управување со земјиштето преку зајакнување на правната и инситуционална рамка, градење на капацитетите и реставрација на најранливитепланински предели”, на чие отвoрање се обратија министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, постојаниот координатор на ООН во Северна Македонија, Росана Мишел Дуџиак и регионалниот директор за Европа, регионална канцеларија на УНЕП за Европа, Бруно Поци.

- Проектот е дизајниран за да ни овозможи постигнување на глобалните цели за одржлив развој, за да ни помогне во заложбите за имплементација на Декларацијата од Софија и Агендата за зелен договор за Западен Балкан, како и за исполнување на обврските што произлегуваат од меѓународните конвенции, со цел да дадеме сопствен придонес кон глобалната заштита на животната средина – истакна министерот Нуредини.

Според Дуџиак, со реализирање на овој Проект, нашата држава прави чекор напред кон остварување на заедничките глобални цели за обновување на екосистемите и живеење во хармонија со природата.

Земајќи ги предвид минатите успешни искуства во државава, Бруно Пози изрази задоволство што овој проект дополнително ќе придонесе за реализација на обврските од трите Конвенции во Рио, особено во однос на неутралноста за деградација на земјиштето и зачувување на вредните екосистеми.

Целта на проектните активности е да се намалат влијанијата од деградација на земјиштето и притисоците од користење на земјиштето врз природните ресурси во планинските предели. Со временска рамка на имплементација од четири години, се очекува проектот да го поддржи развојот и зајакнувањето на националната политика и институционалните капацитети за одржливо управување со земјиштето и да придонесе за постигнување на националната цел за неутралност на деградација на земјиштето, преку интегрирано управување со пределите во северо-западните планински екосистеми на Северна Македонија.

Проектот е финансиран од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а имплементиран преку Програма за животна средина на ООН (УНЕП) и Министерството за животна средина и просторно планирање.