Оџаклиеска во Солун на првиот меѓународен форум за циркуларна економија

Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, учествува на Првиот меѓународен форум за циркуларна економија, кој под мотото „Forward Green“ (FG Expo) од 8 до 10 Јуни се одржува во Солун, Република Грција.

Оџаклиеска во Солун на првиот меѓународен форум за циркуларна економијаОвој значаен мултидисциплинарен меѓународен настан содржи изложбен сегмент  комбиниран со Форум за циркуларна економија, насловен како „Сегашноста и иднината на циркуларната економија“, и во повеќе различни панели претставува уникатна прилика на интернационално ниво да се развие дискусија за широк спектар на прашања, дилеми и визии кои се од суштинско значење за етаблирање на циркуларна економија, и истите се фокусирани на отпад, вода, обновливи извори на енергија, потоа циркуларно земјоделство, кружен туризам и еко иновации.

Учесниците на Форумот претставуваат широк опсег на засегнати страни – претставници на централната власт, регионални и локални власти од повеќе држави, потоа претставници на бизнис заедницата, академската заедница, граѓански и меѓународни организации, а заменик министерката Оџаклиеска со свој говор се обрати на панелот „Од линеарна до циркуларна економија“ на кој исто така се обратија и Петрос Варелидис, Генерален секретар за животна средина и води, при Министерството за животна средина и енергетика на Р. Грција , како и Росен Христов, министер за енергетика на Бугарија и повеќе реномирани научници и експерти од Бугарија, Грција и С. Македонија.

IMG_20230608_141907Во својот говор Оџаклиеска потенцираше дека за воспоставување на циркуларна економија најпрво треба да тргнеме од промена на менталната перцепција за економскиот напредок и воспоставување на сосема нов пристап кон производството, суровините, значењето на иновативните технолошки процеси и конечно управувањето со отпадот.

- Тоа го сметам за еден од најголемите приоритети. Овој процес е возможен само со градење на силни партнерства со сите засегнати страни, почнувајќи од националните и локалните власти, колективните постапувачи со отпад, потоа со бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и секако самите граѓани. Од таа причина, мислам дека ваквите комуникации кои не’ поврзуваат на национално, локално и регионално ниво се многу значајни – рече заменик министерката Оџаклиеска.

- Воедно, овој настан дава можност за споделување на драгоцени искуства, идентификување решенија и зајакнување на политичкиот, но и на научниот дијалог и соработка за остварување на заедничките заложби за суштинско и сеопфатно етаблирање на циркуларна економија, додаде таа.

IMG_20230608_141939Изложбата и конгресниот настан „Forward Green“ (FG Expo) е иницијатива на TIF – HELEXPO која има за цел да придонесе за имплементација на нов претприемачки менталитет, заснован на циркуларна економија, зелен развој и трансформација на деловни модели со цел да се зачуваат природните ресурси и да се придвижиме кон одржлив развој.