Нуредини се состана со еврокомесарот за животна средина Виргинијус Синкевичиус во Брисел

Нуредини се состана со еврокомесарот за животна средина Виргинијус Синкевичиус во БриселМинистерот за животна среидина и просторно планирање Насер Нуредини во текот на вчерашниот ден оствари работна посета на Европската комисија во Брисел, на која се состана со Виргинијус Синкевичиус, комесар за животна средина, рибарство и океани. На средбата беше разговарано за прогресот на Република Северна Македонија во транспозицијата и имплементацијата на европското законодавство во областа на заштитата на животната средина и идните чекори на ЕУ во областа. Еврокомесарот ги поздрави напорите кои земјата ги вложува во поглед на апроксимирање на политиките со европската регулатива за заштита на животната средина и ја изрази подготвеноста за понатамошна поддршка во процесот.

За време на посетата, Нуредини се сретна и со Клара де ла Торе, заменик генерален директор за климатска акција, која ги пренесе искуствата и плановите на ЕУ во поглед на климатската акција и се информираше за активностите кои Министерството ги презема во насока на остварување на предметните цели, особено во поглед на подготовката на Долгорочната стратегија и Закон за климатска акција.

Покрај тоа, министерот Нуредини оствари средба и со Геновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори и проширување, при што беше разговарано за новиот пристап на ЕУ во поглед на политиката на проширување во однос на нашата земја, како и начините на остварување и програмирање на нивната поддршка и финансирање.