НА ПАТОТ КОН ПАРИЗ 2015: Подготвителни активности за COP 21

DSC_0621(25.06.2015г.) Во пресрет на Светската конференција за климатски промени која ќе се одржува во Париз од 30-ти ноември до 11-ти декември, Амбасадата на Франција, Канцеларијата на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје и Министерстово за животна средина и просторно планирање организираат низа настани за подигање на свеста кај широката јавност за прашањата поврзани со климатските промени и животната средина.

Како прва активност, денеска, во резиденцијата на Франција, на покана на Н.Е Лоренс Оер, амбасадор на Франција, а со поддршка на Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Скопје и Нурхан Изаири министер за животна средина и просторно планирање се одржа неформална работна средба со уредници и новинари кои работат на оваа тематика.

Посакувајќи им добредојде на присутните, амбасадорката Оер ја изрази подготвеноста на Владата на Франција како домаќин на претстоечкиот Самит и својата лична заложба за успешно организирање и постигнување на Договорот во Париз. При тоа таа укажа на важноста на медиумите и новинарите во обезбедување на вистинската, навремена и јасна информација за тема која иако е навидум премногу техничка не засега сите поеднакво.

Истакнувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги препознава новинарите како клучни партнери во правилното и континуирано пренесување на информации и разбирањето на улогата на секој поединец во справувањето со климатските промени, министерот Изаири во поздравното обраќање посочи дека Република Македонија е посветени на усвојување на меѓународен обврзувачки договор во Париз кој ќе биде применлив за сите земји. Според него, тој треба да биде амбициозен, правно да обврзува, да е мултилатерален, да се заснова на правилата за глобално учество и да се заснова на информации од науката. Во однос на националната амбиција на Република Македонија, министерот Изаири истакна дека предложеното ниво на амбиција е намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид во 2030 година, во секторот енергетика, за 30-36% во однос на сценариото без вклучување на мерки за намалување на емисиите. При тоа нашите очекувања се дека заложбите на меѓународната заедница ќе бидат балансирани со адекватни финансиски механизми и други форми на поддршка за земјите во развој.

Искажувајќи задоволството од добрата соработка што ја има УНДП со Министерството за животна средина и просторно планирање, особено во областа климатски промени, како и напорите што ги прави француската амбасада на „Патот кон Париз“, Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите Нации и постојан претставник на УНДП во Скопје, нагласи дека климатските промени претставуваат глобален предизвик во кој Обединетите нации ја имаат клучната улога за обезбедување место каде сите држави во светот имаат можност да ги изразат своите заложби и потреби. Од друга страна според неа, за светот да дејствува навремено за спасот на нашата една и единствена планета, неопходно е луѓето насекаде во светот да бидат информирани и свесни дека заедниците треба поенергично да се вклучат во справувањето со предизвиците на климатските промени.

Во продолжение, Бертранд Рие, претставник на Француската амбасада, зборувајќи за организирањето на конференцијата во Париз, рече дека се планираат неколку тематски работилници во македонија од кои првата е предвидено да се одржи на 1 јули во Еу Инфо Центарот во Скопје.

На работилницата ќе се обрати ИВ Лерс, новинар од Франс-Прес кој покрива области од животната средина. Ќе биде објавен и конкурс за фотографија на тема Визија за климатските промени. На конференцијата за климатските промени во париз ќе има 40 000 учесници, меѓу кои и неколку илјади новинари.