Министерoт Изаири на промоција на проект за квалитет на воздухот

3(09.09.2015г) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, евроамбасадорот Н.Е. Аиво Орав и почесниот конзул на Финска, Светозар Јаневски денеска се обратија на промоцијата на Твининг проектот финансиран од ЕУ: „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на квалитетот на воздухот“.

- Во рамки на проектот се планира ревизија на Националниот план за редукција на емисиите во воздухот и изработка на проекции на националните емисии до 2030 година. Се планира и изработка на локални планови во кои ќе се пропишат краткорочните и долгорочните мерки за заштита на квалитетот на амбиентниот воздух, а ќе биде спроведена и кампања за дополнителни мерења на составот на РМ10 честичките, со цел изработка на квалитетен План за подобрување на квалитетот на воздухот во град Скопје – истакна министерот Изаири, изразувајќи задоволство од досега постигнатите одлични резултати од голем број проекти во областа на воздухот, реализирани како дел од европските програми ФАРЕ КАРДС и ИПА.

Со финансиска помош од овие програми, Р. Македонија успешно ја подготви законската легислатива во областа на воздухот, во која се транспонирани директивите на ЕУ, воспостави државен мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, систем за квалитетно управување со податоците, како и портал за квалитет на воздух за презентирање на релевантните информации од областа на воздухот.

Медиумските кампањи, поефикасниот информативен систем и побогатиот веб-портал за квалитет на воздухот, се дел од активностите со кои ќе се овозможи подигање на јавната свест околу оваа проблематика.

Изразувајќи уверување дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Министерството во справувње со предизвиците од областа заштита на животната средина, евроамбасадорот Орав изјави дека само со здружени напори на сите засегнати страни на национално, регионално и локално ниво може да се придонесе за чист воздух за денешните но и идните генерации.

Проектот е со времетраење од 21 месец, ќе се спроведува од мај 2015 до јануари 2017 година, а финансиската поддршка од 1,1 милион евра е обезбедена преку ИПА.

Главната цел на овој проект е да се зајакнат капацитетите на локално и централно ниво во областа на управувањето со квалитетот на воздухот и влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето, преку обуки за мониторинг, оценување и известување и спроведување на соодветното европско право.