Министерот Нуредини го презентираше портфолиото за животна средина и приоритетите на Владата  во Виена

viena 1(18.10.2019г.) Денес во Виена, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини оствари повеќе работни средби на високо ниво, каде што го презентираше портфолиото за животна средина и приоритетите на Владата на РСМ во оваа област.

Во текот на денот, министерот Нуредини се сретна со Харалд Егерер, програмски директор на ОНЖивотна средина со седиште во Виена,  при што разговараа за тековните проекти спроведувани од страна на ОН Животна средина и развивање на нови концепти за продолжување и продлабочување на соработката.

Остварена е средба и со Георг Реберинг, директор на Федерална австриска Агенција за животна средина, на која се разговараше за експертската поддршката што Агенцијата континуирано ја обезбедува за нашето Министерство. Директорот Реберинг изрази подготвеност од нивна страна за понатамошна поддршка и соработка како наш долгорочен партнер.

Главниот акцент беше ставен во зајакнување на регионалната соработка со соседните земји, како и потребата за нивна експертска помош по однос на индустријските депонии и хот-спотови. И двајцата се сложија дека е потребна понатамошно зајакнување на австриските инвестиции во земјата, односно привлекување на инвеститори од областа на управувањето со чврст отпад, третман на отпадни води и обновливи извори на енергија.

Средба се оствари и со регионалниот директор за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија на Австриската Стопанска Комора, Грегор Постл и со заменик директор на Австриската Стопанска Комора, Ричард Шенц, каде што разговараше за можностите за инвестиции на австриските компании и користење на иновативни технологии во областа на пречистување на отпадни води.

Понатаму, денес министерот Нуредини оствари средба и со УНЕП, каде главната тема на дискусија беше тековниот пројект за прогласување на Шар Планина за Национален Парк, како и за изнаоѓање на поефикасни начини за искористување на ГЕФ фондовите, Зелениот климатски фонд и Регионалната платформа за загадување. Се укажа и потребата од изготвување на регионален план за хемиски отпад.

На крај, се одржа и средба и со Шведската Агенција за Бизнис, при што беа дискутирани можностите за дигитализација на административните активности при Министерството со цел зголемување на ефикасноста, одговорноста и транспарентноста на нашата администрација.