Државниот секретар Ана Петровска на Меѓународната академија на УНЕСКО во Италија

UNESCO_1(25.10.2019г.) Државниот секретар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска имаше свое излагање на 5-тата Меѓународна академија на УНЕСКО (International Academy on Unesco Designations and Sustainable Development) што од 20 до 25 октомври се одржува во Торино, Италија.

Презентацијата на Петровска беше во рамки на работилницата посветена на размена на искуства и добри практики поврзани со различните локации назначени од УНЕСКО, на која се дискутираше за креативни решенија за управување и сочувување на локациите и културните и природни ресурси.

Меѓународната академија е програма за градење на капацитети, која е иницирана и имплементирана од Фондазионе Сантагата (Fondazione Santagata) и УНЕСКО преку Регионалното биро за наука и култура во Европа на УНЕСКО (со седиште во Венеција, Италија).

Основната цел на Програмата е да придонесе за постигнување на целите за одржлив развој од Агендата на ООН 2030, преку ефективно унапредување на институционалните и професионалните капацитети.

Академијата е со седиште во градот Торино (Италија), а е отворена во 2015 година како пилот програма на Третиот меѓународен форум за локален економски развој, во соработка со Колеџот за системски персонал на Обединетите Нации и меѓународниот тренинг Центар на меѓународната организација на трудот.

Активностите на Академијата се фокусирани на: Листата на светско наследство; Мрежата: Човекот и биосферата; Мрежата: Креативни градови; Нематеријалното културно наследство; и Глобалната Мрежа за геопаркови.