Одржана работилница за утврдување на идниот модел за финансирање на станицата за третман на отпадни води во Град Скопје

1(13.05.2016г) Денеска во Град Скопје, се одржа работилница за утврдување на идниот модел за финансирање на станицата за третман на отпадни води во Град Скопје, на која беа презентирани Извештајот од анализата на Јавното приватно партнерство и препорачани опции, Одговорите на коментарите за Техничкиот Извештај и Tехничките цртежи и Оцената на влијание врз животната средина за Пречистителната станица за отпадни води за Скопје.

- Денешната работилницата ќе се фокусира на оние прашања кои влијаат на успешното интегрирање на буџетските средства како на национално, така и на локално ниво, приватните фондови, заемите на меѓународните финансиски институции како и можното финансирање од страна на Eвропската комисија преку ИПА фондовите – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети во воведното обраќање.

На работилницата беа претставени и можните модели на Јавно приватно партнерство (ЈПП) кои најчесто се применуваат за проекти кои се однесуваат на изградба на станици за третман на отпадни води, како и анализа на ризиците за секој предложен модел на ЈПП. Целта е да се избере модел кој обезбедува најповолна услуга со поголем квалитет, а со намалени трошоци во споредба со услугата која би била обезбедена од страна на јавниот сектор.

На работилницата која е во рамките на проектот за изработка на “Студијата за финансирање, изградба и работа на станицата за третман на отпадни води во Град Скопје“, се обратија и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и амбасадорката на Франција, Н.Е. Лоренс Оер.