СООПШТЕНИЕ Ќе се исклучат инструментите од мониторинг системот во Велес поради реконструкција на улица

Поради реконструкција на дел од улицата Благој Ѓорев која што се наоѓа во непосредна близина на мониторинг станицата во Велес – Велес 2 поставена во дворот на детската градинка Димче Мирчев во населба Тунел, се појавуваат високи концентрации на суспендирани честички со големина до 10 и 2.5 микрометри (РМ10 и РМ2,5) во околината на станицата. Бидејќи изворот на загадување е премногу блиску до станицата, измерените концентрации не ја даваат релевантната слика за квалитетот на воздухот во општина Велес. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина истите ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи. Ги известуваме граѓаните на општина Велес кои што живеат и се движат во непосредна близина на локацијата каде што се одвиваат градежни активности дека до завршувањето на градежните работи можна е појава на повисоки концентрации и да преземат мерки на лична заштита. Се препорачува на општина Велес да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓувреме да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел истата да биде постојано во влажна состојба.