НАДМИНУВАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ВРЕДНОСТИ ЗА КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХ ВО УРБАНИ ПОДРАЧЈА – NO2 | ![]() |
![]() |
Овој индикатор го прикажува делот од урбаната популација која што е потенцијално изложена на концентрации на загадувачки супстанци во амбиентиот воздух над граничните вредности дефинирани за заштита на човеково здравје.
Урбаната популација која што е земена во предвид е всушност вкупниот број на жители кои што живеат во градовите каде што има најмалку една мониторинг станица. Во овие градови влегува главниот град на Република Македонија и останатите поголеми градови. Бројот на жители е во согласност со последниот попис спроведен од страна на Државниот завод за статистика од 2002 година.
Надминувањето на граничните вредности за квалитет на воздухот се појавува кога концентрацијата на загадувачките супстанци ги надминува граничните вредности за SO2, PM10, NO2 и целните вредности за O3утврдени со Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Сл. весник на РМ“ бр.50/2005, 4/2013), во која е транспонирана директивата за квалитет на амбиентен воздух и почист воздух во Европа 2008/50/ЕC и директивата за тешки метали 2004/107/ЕC.Онаму каде што постојат повеќе гранични вредности (види дел за Цели на политиката), индикаторот го користи најстрогиот случај:
- Сулфур диоксид (SO2): среднодневна гранична вредност
- Азот диоксид (NO2): годишна гранична вредност
- Суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10): среднодневна гранична вредност
- Озон (O3 ): краткорочна цел
Процент на урбаната популација потенцијално изложена на надминувања на концентрациите во амбиентниот воздух на сулфурдиоксид (SO2), суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10), азотдиоксид (NO2) и озон (O3) над граничните вредности дефинирани за заштита на човеково здравје. Koнцентрациите во амбиентниот воздух на сулфурдиоксид (SO2), суспендирани честички со големина до 10 микрометри (PM10), азотдиоксид (NO2) и озон (O3) се изразуваат во микрограм/m3 (µg/m3).
Каков прогрес е направен за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции во урбаните средини за достигнување на граничните вредности за NO2 дефинирани во Уредбата?
Во периодот од 2004 до 2017 година од 0 до 69% од населението било изложено на концентрации на азот диоксид кои се над граничните вредности за заштита на човековото здравје. Највисок процент на изложеност на населението има во 2011 година со изложеност од 69 %.
Графикон 1: Процент на урбаната популација изложена на загадување на воздухот во области каде концентрациите на загадувачките супстанци се повисоки од граничните/целните вредности
Графикон 2: Процент од популацијата изложени на NO2 годишни концентрации во урбани области
Графикон 3: Просечна годишна концентрација на NO2
Опфат на податоци: excel
Извор на податоци: Македонски информативен центар за животна средина (http://www.moepp.gov.mk)
Испитувањата покажале дека во воздухот се застапени повеќе оксиди на азот, но најзначајни се азот диоксид и азот моноксид. Овие загадувачки супстанци најчесто се резултат на природни извори. Сепак, во урбаните средини најголем извор е сообраќајот, а помал извор е индустријата. Најтоксичен од сите азотни оксиди е азот диоксид, чии концентрации се условени од годишното време и од метеоролошките услови. Имено, во утринските часови повисока е концентрацијата на NO заради зголемената фреквенција на сообраќајот, a со интензивирање на сончева радијација во текот на денот се врши претворање на NO во NO2 со што се зголемува концентрацијата на NO2. Азотните оксиди влијаат на содржината на озонот и на другите фотохемиски оксиданси во воздухот. Во текот на сезоната пролет-лето поголема е концентрацијата на NO2, а во сезоните есен-зима на NO. Количеството на NOx e зголемено во зимскиот период поради повисоката фреквенција на сообраќајот.
Во периодот од 2004 до 2017 година од 0 до 69 % од населението било изложено на концентрации на азот диоксид кои се над граничните вредности за заштита на човековото здравје (40 mg/m3 средна годишна гранична вредност). Највисок процент на изложеност на населението има во 2011 година со изложеност од 69 %.
Во 2004, 2005, 2006 и 2011 година значителен процент од населението (55 – 67 %) е изложен на концентрации над 40 mg/m3.
- Методологија за пресметка на индикаторот
Годишната средна концентрација во градот се пресметува како просек од средната годишна вредност која се мери на сите мониторинг станици поставени во урбани средини. Селектираните урбани станици вклучуваат станици од типот: станици кои го покажуваат загадувањето од сообраќајот, станици кои го покажуваат загадувањето од индустријата и урбани позадински станици.
Несигурност
- Методолошка несигурност и несигурност на податоците
Податоците, генерално, не се репрезентативни за целата урбана средина во Република Македонија. За разлика од дефинираната методологија на Европската агенција за животна средина, каде за пресметување на индикаторот се користат само податоци од урбани позадински станици, ние за пресметка ги искористивме податоците од сите станици поставени во урбани средини. Исто така, поради минималниот број на мониторинг станици, во пресметките на индикаторот се земени и оние станици каде што покриеноста со податоци е помала од 75% по календарска година.Како несигурност може да се смета и тоа што во пресметката на индикаторот, бројот на жители по градовите е во согласност со пописот на население спроведен од Државниот завод за статистика во 2002 година, наместо проценет број на население за секоја година поединечно.
Листа на релевантни политички документи
Националниот план за заштита на амбиентниот воздух ја презентира состојбата со квалитетот на воздухот, ги дефинира мерките за заштита и подобрување на квалитетот на амбиентниот воздухот во Република Македонија и сите релевантни институции одговорни за нивна имплементација за период од 5 години, односно од 2013 до 2018 година (Сл.весник на РМ бр. 170/2012).
Законска основа
Законот за квалитет на амбиентен воздух е донесен во август 2004 година и истиот е повеќе пати дополнет и изменет согласно барањата наведени во ЕУ легислативата (“Сл. весник на РМ“ бр. 67/2004, 92/2007, 83/2009, 35/2010, 47/2011, 59/2012, 163/13, 10/15 и 146/15) и претставува рамковен закон од областа на воздухот. Целите на овој Закон се: избегнување, спречување и намалување на штетните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина како целина, спречување и намалување на загадувањата кои предизвикуваат промена на климата, како и обезбедување на соодветна информација за квалитетот на амбиентниот воздух. Со овој Закон се пропишува донесување на голем број подзаконски акти во согласност со барањата на AcquisCommunitaire. Досега се донесени 16 подзаконски акти. За пресметка на овој индикатор се користени одредбите наведени во „Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели („Сл. весник на РМ“ бр. 50/2005, 4/2013 и 183/2017)“.
Во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните ведности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, се дефинирани граничните вредности за NO2.
Гранични вредности за концентрации на азот диоксид во амбиентниот воздух
Во согласност со горенаведена Уредба за азот диоксид, дефинирани се две гранични вредности за заштита на човековото здравје.
- Едночасовната просечна гранична вредност на азот диоксид не смее да ја надмине граничната вредност од 200 μg/m3 повеќе од 18 пати во текот на една календарска година.
- Просечната годишна концентрација не смее да надмине 40 μg/m3.
Европска агенција за животна средина
- Размена на податоците за квалитет на воздухот, во согласност со имплементационата одлука во која се дадени правилата на директивите 2004/10/EC и 2008/50/EC на Европскиот парламент и на Советот во однос на реципрочна размена на информации I известување за квалитет на амбиентен воздух (Одлука 2011/850/EC).
Ознака | Име на индикаторот | Усогласеност со CSI ЕЕА или други индикатори | Класификација по ДПСИР | Тип | Поврзаност со област | Фреквенција на публикување | |
MKNI 004 | Надминување на граничните вредности за квалитет на воздухот во урбани подрачја | CSI 004 | Exceedance of air quality limit values in urban areas | С | А | воздух
квалитет на воздух |
годишно |