Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес во Клубот на пратеници во Скопје имаше поздравно обраќање на пленарниот состанок на Секторската работна група за животна средина. На состанокот говореше и г-дин Александру Албу од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Настанот е организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Министерството за европски прашања.
Целта на состанокот е презентирање на моменталната состојба во секторот воздух, степенот на реализација на тековните проекти, како и дискусија за предизвиците и временските рамки за идните планови за транспонирање и имплементација на ЕУ директивите за квалитет на воздух. Воедно и да се обезбеди широка консултација за стратешките приоритети во областа животна средина — сектор воздух, како и поефикасна координација на поддршката од донаторите за реализација на националните активности во наредниот период.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска нагласи дека квалитетот на амбиенталниот воздух останува една од најчувствителните и најзначајни теми за здравјето на граѓаните. „Воздухот е невидлив ресурс, но неговото влијание врз нашето секојдневие е огромно. Кога тој е загаден, последиците се чувствуваат на секој чекор — во училиштата, на улиците, во домовите и најважно, врз здравјето на нашите граѓани“, посочи Лашкоска.
Во фокусот на дискусијата беше и потребата од забрзано усвојување на европските стандарди и практики во управувањето со квалитетот на воздухот. Заменик министерката истакна дека приближувањето кон ЕУ е не само политичка определба, туку и суштинска алатка за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Усогласувањето со европските директиви претставува можност за посистематичен пристап, модернизација на институциите, зајакнување на експертските капацитети и пристап до дополнителна техничка и финансиска поддршка.
„Нашата задача е јасна — да создадеме животна средина во која воздухот не го загрозува здравјето, туку го поддржува животот. Ова не е само еколошка политика, туку инвестиција во иднината на нашите деца. Верувам дека со европските партнери, со институциите и со граѓаните, можеме да го промениме начинот на кој дишеме како држава,“ изјави заменик министерката Лашкоска.