Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Ане Лашкоска, денес во Скопје имаше поздравно обраќање на отворањето на првиот настан „Денови на Вардар 2025“, организиран од „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води во МК“. На отворањето се обратија и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, директорот на Управата за животна средина Игор Никоски, советникот за животна средина во Кабинетот на премиерот Даме Димитровски, Н.Е. амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер, раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ Штефан Худолин, како и директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Игор Лазаровски.
Целта на настанот е да се отвори широка дискусија за клучните прашања поврзани со одржливото управување со сливот на реката Вардар – најзначајниот воден ресурс во државата и да се поддржат напорите за развивање интегриран, стратешки и современ пристап кон заштитата и управувањето со водите. Настанот се реализира во соработка со главните корисници и имплементатори на Програмата: Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Програмата поставува нови стандарди за интерсекторска соработка, интегрирано планирање, зајакнување на институциите и практично имплементирање на европските политики за вода. Нејзината примарна цел е јасна: стабилен, одржлив и долгорочно функционален систем на управување со водите, заснован на знаење, партнерство и јавен интерес.
„Водата е нашиот највреден природен капитал и ресурс од највисок стратешки интерес за развојот на државата. Затоа, заедно со Владата на Швајцарија ја започнавме „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води“ — не за да создадеме уште еден документ, туку за да воспоставиме нов модел на управување кој ќе обезбеди одржливост, стабилност и заштита на јавниот интерес.
Нашата политичка волја е јасна: да ги поставиме темелите за модерно, транспарентно и европски усогласено управување со водите, со координација, силни институции и систем што создава мерливи резултати.“
„Денови на Вардар 2025“ претставуваат почеток на нова фаза во која нашата држава го гради својот воден сектор врз принципите на европските стандарди, научни докази и современи политики. Овој настан е повеќе од конференција – тој е повик за мобилизација, за ново лидерство и одговорност во управувањето со природните ресурси. Вардарскиот слив е столбот на нашата економија, земјоделство, снабдување со вода и биодиверзитет, а преку ваквите иницијативи државата отвора простор за поголема меѓународна соработка, нови инвестиции, модерни технологии и силно вклучување на младите професионалци кои ќе ги водат водните политики во иднина.