Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес во Скопје, во рамки на вториот конференциски ден, заедно со Амбасадорот на Австрија, Мартин Памер и градоначалниците на општина Крушево, Нико Чоневски и општина Тетово, Билал Касами, имаше поздравен говор на експертската работилница на тема „Создавање на зелени работни места во МК “, која се одржува од 12 до 13 ноември 2025 година.
Настанот е организиран од Австриското министерство за труд, социјални работи, здравје, грижа и заштита на потрошувачи и Австриската амбасада во Скопје, во соработка со сите релевантни институции од нашата држава.
Работилницата претставува платформа за размена на искуства и добри практики за унапредување на зелената економија и отворање нови можности за вработување во секторите поврзани со одржливиот развој.
Пленарните сесии, панел-дискусиите и презентациите се фокусираа на потенцијалот за создавање зелени работни места во управувањето со отпад, националните паркови, руралните средини и одржливиот туризам. На настанот учествуваа експерти од Австрија и од нашата држава, како и претставници на министерства, општини, национални паркови, граѓански организации и приватниот сектор.
Во своето обраќање, заменик министерката Лашкоска порача дека зелената транзиција е шанса, а не предизвик.
„Нашата визија е јасна — да создадеме економија што ќе расте во рамнотежа со природата. Зелените работни места се иднината на локалниот развој, а заштитените подрачја се нашата најголема можност за поврзување на економскиот раст со еколошката одговорност,“ истакна Лашкоска.
Таа нагласи дека заштитените подрачја не треба да се гледаат само како зони со ограничувања, туку како простори на иновација, знаење и нови можности. Преку правилно управување, додаде Лашкоска, можеме да поттикнеме развој на еко-туризам, органско земјоделство и локални зелени производи кои ја зајакнуваат економијата и ја чуваат природата.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе продолжи да вложува во политики и партнерства кои ја претвораат зелената агенда во реални можности — за нови работни места, посилни заедници и почиста, поодржлива иднина за сите.