Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Ане Лашкоска, денес одржа работен состанок со г-дин Матијас Хуменбергер, заменик шеф на мисијата во Австриската амбасада во Скопје. На состанокот беа презентирани информации за организација на експертска работилница на тема „Создавање на зелени работни места“. Работилницата ќе биде организирана од Австриското министерство за труд, социјални работи, здравје, грижа и заштита на потрошувачи.
На состанокот беа претставени и деталите за сесиите што ќе се одржат во рамки на работилницата, а кои ќе се фокусираат на создавање зелени работни места во областа на управувањето со отпад, во националните паркови, во руралните средини и во развојот на одржлив туризам. Предвидено е одржување на презентации, пленарни сесии и панел-дискусии, во кои ќе учествуваат експерти од Австрија и претставници на засегнатите страни — министерства, општини, агенции, национални паркови, граѓански организации и здруженија.
Заменик министерката Лашкоска ја истакна одличната соработка со Австриската амбасада во областа на животната средина и нагласи дека оваа работилница претставува можност за споделување искуства и пренос на знаења од австриските експерти, особено во делот на развојот на одржлив екотуризам во нашата држава. Таа посочи дека ваквите иницијативи придонесуваат за создавање синергија меѓу заштитата на природата и економскиот развој на заштитените подрачја, подобрување на квалитетот на животот на локалното население и отворање нови зелени работни места.
Меѓу другото, на состанокот беше разговарано и за неколку нови проекти кои во наредниот период Министерството за животна средина и просторно планирање и Австриската амбасада ќе ги реализираат во областа на заштитата на животната средина, како потврда на долгогодишната успешна соработка меѓу двете институции и заедничката заложба за одржлива иднина. Проектите имаат за цел да придонесат кон одржливо управување со природните ресурси, да ја поттикнат регионалната соработка и да овозможат размена на експертиза и добри практики.