Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес во Скопје се обрати на завршниот настан од конференцијата „Презентација на главните наоди од Техничката ревизија“, во рамки на проектот „Техничка ревизија на системите за собирање и третман на отпадна вода во МК и подготовка на документи за набавка на водоводна опрема за Радовиш, Кичево, Струмица, Прилеп, Берово, Куманово, Битола и Тетово“.
Проектот, финансиран од Европската Унија и кофинансиран од националниот буџет, има за цел да го унапреди управувањето со отпадните води во дванаесет општини: Радовиш, Кичево, Струмица, Прилеп, Берово, Куманово, Битола, Тетово, Велес, Штип, Виница и Ресен. Техничката ревизија овозможува јасна и детална слика за постојната инфраструктура, напредокот постигнат досега и приоритетите што следуваат.
Министерството за животна средина и просторно планирање континуирано развива и имплементира политики засновани на реални податоци и фактичката состојба на терен. Проектот претставува значаен придонес во овој процес, бидејќи ги идентификува потребите, слабостите и можностите за подобрување на системите за третман на отпадни води, со што овозможува постепено, но постојано усогласување со европските стандарди.
Дополнително, резултатите од ревизијата ќе овозможат подобро планирање на инвестициите во наредните години, посебно во делот на модернизација на постојните постројки и унапредување на мрежите за собирање на отпадните води. Овие анализи се неопходни за долгорочна одржливост, намалување на притисокот врз водните ресурси и обезбедување повисоко ниво на заштита на животната средина за граѓаните.
Заменик министерката Ане Лашкоска потенцираше:
„Оваа техничка ревизија ни дава прецизна, реална и аналитичка слика за сегашните капацитети и предизвиците во управувањето со отпадните води. Не’ води кон засилено планирање, поефикасни инвестиции и побрзо приближување до европските стандарди за заштита на водите. Овие резултати се силен поттик да продолжиме со одговорно и долгорочно планирање, во интерес на граѓаните и природата.“
„Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на континуирано унапредување на системите за третман на отпадни води и на зајакнување на инфраструктурата на локално и национално ниво. Преку размена на експертиза и примена на европските стандарди, ќе продолжиме да ги поддржуваме проектите кои ја зајакнуваат водната безбедност, еколошката одржливост и квалитетот на живот за сите граѓани. Овој процес е долгорочен, но суштински — и ќе продолжиме со еднаква посветеност и во периодот што следи” – порача Лашкоска.
Како водечка институција во креирањето и спроведувањето на водните политики, МЖСПП решително ќе продолжи да ја движи реформата во оваа област напред — со јасна визија, силен институционален капацитет и стабилно партнерство со Европската Унија. Усогласувањето со европските стандарди не е само институционална обврска, туку стратегиска цел која обезбедува подобра инфраструктура, поквалитетни услуги и почиста и посигурна животна средина за сите граѓани. Министерството останува цврсто фокусирано на проекти што носат вистински, видливи промени и ќе продолжи да ја зајакнува меѓународната соработка како клучен двигател на овој процес.