Работилница: Со нови технологии до создавање на Градови на иднината

Денеска во Скопје почна дводневната работилница „Градови на иднината“, во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.

Над 40 учесници од регионални и локални институции и партнерски организации во соработка со врвни европски експерти од Клима КИЦ, водечка европска иницијатива за климатски иновации ќе работат на креирање визија и користење на новите технологии во решавање на клучните проблеми на градовите, како што е, на пример, проблемот со загадувањето на воздухот.

Во воведното обраќање, постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, изјави: „Над 50 проценти од населението во светот живее во градовите и со зголемување на урбанизацијата се зголемува и притисокот врз здравјето на луѓето, зелените површини, пристапот до чиста вода и поради тоа, мора да се смени начинот на кој живееме и работиме“. Според Сахакјан, токму иновативните пристапи ќе помогнат во градење на иднина која ќе биде побезбедна, поотпорна и поодржлива за сите.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули потенцирајќи дека Градот Скопје, во услови на брз технолошки развој, а без план за одржливост на урбаниот еко-систем во тој процес, како и со брз пораст на барања на граѓаните за квалитет и навременост во обезбедувањето услуги, се соочува со многу урбани проблеми чие решение е можно единствено со обезбедување на синергија на надлежните државни и локални институции без разлика на кого тие надлежности припаѓаат.

Макрадули својот осврт на темата го даде низ призмата на решавање на проблемот на аерозагадувањето во Градот Скопје и интегрираниот и системски пристап во „Планот за чист воздух“. Според него, имплементацијата на „Планот“ придонесе кон намалувањето на загадувањето, пред се затоа што предвидените активности се базирани на научни истражувања, анализи и најдобри пракси.

Работилницата ја водат експертите за климатски иновации и паметно планирање на иднината на градовите, Тим Тејлор, висок советник за градови во Клима КИЦ, водечка европска иницијатива за климатски иновации и Андреа Реј Бојл, експерт за иновации и нови градови во УНДП Регионален хаб во Истанбул.

Проектот е финансиран од неодамна отворениот Фонд за градски експерименти, преку министерството за финансии на Словачка.