ПЕТРОВСКА: Потребно е итно чистење на каналот од Дојранското Езеро

(28.06.2018г.) Државниот секретар од Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, одржа работна средба со градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов. Општина Дојран, како одговорен субјект за управување со Споменикот на природата Дојранско Езеро, презема бројни активности со цел подобрување на квалитетот на водата на Езерото. Општината ги презентираше приоритетните проекти за кои сеуште не е обезбедено финансирање и побара помош од МЖСПП. Како врвен приоритет се смета чистењето на каналот за истекување на езерото од грчка страна. МЖСПП ќе иницира, во соработка со МНР, соработка со грчките власти за да се спроведе чистењето во најбрз можен рок. Со чистењето ќе се влијае на подобрување на квалитетот на водата и ќе се превенираат штетите од поплави, кои во моментот ги руинираат плажите и ја срушија патеката околу езерото.