Доделени концесии за изградба на три хидроцентрали на Маркова Река

DSC_0711(01.07.2015 год.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и претставникот на друштво Индиго Хидро Македонија ДОО Скопје, денеска, потпишаа Договор за концесија за користење на вода и изградба на МХЕЦ Маркова Река. Доделувањето на концесии за користење на вода за производство за електрична енергија на оваа локација е во рамките на шестиот тендер за малихидроелектрични централи.

По завршувањето на евалуацијата и усвојување на Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија, Владата на Република Македонија ја донесе Одлуката за избор на најповолна понуда и за доделување на концесија за користење на вода од Маркова Река, со изградба на три хидроелектрични централи во група. Согласно, оваа одлука избраниот понудувач, Индиго Хидро Македонија ДОО Скопје, ги исполни сите услови од тендерот и со него се склучи Договор за концесија за користење на вода и изградба на МХЕЦ Маркова 143, 144 и 145, со вкупна инсталирана моќност од 1752.80 kW.

Вкупната инвестициска вредност на проектите чини околу 4.000.000 евра.

На потпишувањето, присуствуваше и амбасадорот на Италија, Н.Е. Ернесто Масимо Белели.