Амети: Предлага конкретни и реално применливи мерки за намалување на аерозагадувањето во соработка со граѓанскиот сектор

(25.01.2017год.) Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети до Владата на Р. Македонија предлага  мерки за намалување на загадувањето кое представува акутен проблем со кој се соочуваат граганите.

Реални мерки, кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги предлага до Владата на Република Македонија се:

  • Воведување на сообраќаен режим пар-непар односно предлог за измена на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и
  • Владата на Р. Македонија да ги задолжи сите државни и јавни институции и да им препорача на локалните самоуправи за 50% да го намалат користењето на службените возила кое Министерството за животна средина веќе го спроведува во пракса.

За таа цел министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети оствари работна средба со претставниците на граѓанските здруженија на која се дискутираше за  актуелните проблеми со квалитетот на амбиенталниот воздух и за предлог мерките за намалување на аеро-загадувањето.

Целта на оваа средба беше преку неформален дијалог со претставниците на невладините организации кои  се занимаваат со оваа проблематика да се разгледаат и продискутираат конкретни, применливи мерки кои во краток временски период ќе дадат видливи резултати во намалување на загадувањето на воздухот.