Темелковски: Реформата на системот за управување со водите предвидува квалитетни, лесно достапни и континуирани водни услуги

temelkovski_5(22.03.2017) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски имаше воведно обраќање на Конференцијата на тема „Водата и отпадните води“, која е организирана во рамки на сеопфатната реформа во секторот за вода што ќе се спроведува во следните години во државата, а се одржа по повод 22 Март – Светскиот ден на водите.

- Овој настан треба да се искористи за да се испрати порака до сите чинители да се заложиме за интегрирано управување со водите создавајќи притоа функционална платформа за комуникација и координација – истакна заменик министерот Темелковски.

Со носењето на Законот за утврдување на цените на водните услуги и претстојното носење на Правилникот и Методологијата за утврдување на тарифите за водните услуги, во Р. Македонија се воведува економска регулација на цените на водните услуги чија главна цел е подобрување на квалитетот на водните услуги, но истовремено и зголемување на ефикасноста и заштитата на водните ресурси. Избраниот модел на економска регулација на цените на водните услуги наложува креирање и спроведување на оправдана трошковна политика и мерки од страна на давателите на водните услуги, минимизирајќи ги притоа било кои субјективни, па и политички влијанија, кои не се во согласност со начелата на економска регулација и одржливо користење на водите.

- Самата суштина и крајна цел на овие законски решенија е истовремено да се задоволат потребите на давателите на услуги, но и на граѓаните, за квалитетни и континуирани водни услуги по цена која нема да го надмине прагот на достапност утврден како процент од приходите на домаќинствата – додаде Темелковски во своето обраќање, потенцирајќи дека само заедно и со доволно свест и подготвеност за соработка ќе може да се остварат комплексните цели на реформата на системот за управување со водите.

Воведно обраќање на конференцијата имаа и раководителот на Одделот за оперативни работи во Делегацијата на Европска Унија Мауро Ди Вероли и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на РМ, Димитар Петров, а мотивациски говори одржаа Даниел Кајмаковски и Агнеса Чаволи.

Организатор на настанот е Министерството за животна средина и просторно планирање преку Проектот за реформа на системот води на централно ниво.