Работна посета на Регионалната канцеларија на РЕЦ во Белград и Српската агенција за животна средина СЕПА во врска со воспоставувањето на TEAMS софтвер за известување на загадувачите за сите медиуми во животната средина

Во периодот од 24 до 26 декември 2014, во склоп на работната посета на СЕПА и РЕЦ се одржаа неколку состаноци со цел да се запознаеме со воспоставениот информативен систем за собирање и известување на податоци од загадувачи во животната средина.

Српската агенција за животна средина во склоп на проект финансиран од Норвешката Влада добиле софтверска алатка со која развиле и воспоставиле функционален Информативен систем кој ги опфаќа сите обврски за известување од страна на загадувачките капацитети за сите медиуми. Системот ги заменил сите претходно изолирани бази на податоци кои постоеле во Агенцијата. Во однос на известувањето, системот автоматски генерира извештаи според националните и меѓународните пропишани форми.

Во текот на работната посета ни беше посочено дека со воспоставување на системот се направил и премин на известувањето од индустријата и загадувачките капацитети од пишана во електронска форма. Во текот на изминатите две години, искуствата покажуваат дека Агенцијата добива многу поквалитетни податоци, поредовно известување и можност за многу подобра анализа и приказ на собраните податоци, акко и подобра контрола врз тоа кој ги исполнува а кој не законските обврски за известување.

Во соработка со регионалниот центар за животна средина РЕЦ, имаме можност како Министерство, да аплицираме за еден ваков сличен проект со цел да добиеме национален Македонски информативен систем за животна средина кој би ги обединил сите обврски за известување кои до сега ја оптеретуваа индустријата да известува неколку пати во годината до различни сектори во склоп на Министерството.

Идејата е да се добие единствен функционален систем кој ќе ги собира сите податоци во однос на сите законски обврски за известување и ќе обезбедува достапни податоци до различни корисници во Министерството, како и до јавноста.

На работната посета присуствуваа:

Светлана Ѓорѓева – раководител на сектор Македонски информативен систем за животна средина

Мартина Спасовска – Советник во сектор МИЦЖС

Маја Граматикова – Советник во сектор МИЦЖС