Мобилизирани ресорните министерства и инспекциските служби за брза заедничка акција против загадување на воздухот

2Денешната координативна седница, со која раководеше заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во координација со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, се свика заради алармантната состојба со загадувањето на воздухот.

Заблагодарувајќи им се на присутните за големиот одзив и подготвеноста за соработка, министерот Нуредини, во своето обраќање ја истакна важноста на спроведувањето на добро координирани и заеднички акции, бидејќи загадувањето на воздухот е комплексен проблем кој бара меѓусекторски пристап. Покрај реализирањето на долгорочните мерки, според министерот Нуредини, моменталните состојби бараат преземање на итни интервентни акции.

Дел од мерките што ги наведе Нуредини се итно мобилизирање на сите надлежни државни и локални инспекторати со цел обезбедување на 24 часовна покриеност на терен, спроведување на вонредни контроли за проверки на исправноста и функционирањето на филтрите во индустриските капацитети и инспекторирање на примената на протоколот за контрола на градежната прашина, особено на патиштата и на другите поголеми инфраструктурни интервенции од страна на градежните инспектори. Тој нагласи дека дополнително ќе се интензивира соработка со локалните самоуправи, општинските инспекциски служби и граѓанските организации, особено во делот на пријавување на потенцијалните загадувачи, санкционирање на сторителите и изнаоѓање на можни решенија за надминување на проблемот.

Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на своите надлежности реализираше повеќе активности меѓу кои мапирање на сите капацитети кои се наоѓаат во близина на мерните станици од Државниот мониторинг систем, направи замена на неисправните инструмени во пет мерни станици, а до декември годинава ќе бидат заменети и неисправните инструменти за мерење на ПМ 10 честички на мерните станици во Лисиче, Велес, Кавадарци и Гостивар. Исто така, започнати се и активности за акредитација на лабораторијата на Министерството за животна средина и просторно планирање и се очекува процесот да заврши во првата половина на идната година.