Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лашкоска – Кјаручи: Младите како двигатели на зелената транзиција

Лашкоска – Кјаручи: Младите како двигатели на зелената транзиција

  Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Ане Лашкоска, денес одржа работен состанок со г-ѓа Силвија Кјаручи, заменик шеф на мисијата на УНИЦЕФ во Скопје.

На состанокот беа презентирани тековните кампањи и активности што ги реализира УНИЦЕФ во насока на унапредување на положбата и правата на децата, со посебен акцент на образованието, младинското учество и климатската писменост.

Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје изминативе години остварува континуирана соработка со надлежните институции во областа на образованието и младинското учество поврзано со животната средина и климатските промени. Како резултат на ова партнерство, постигнати се значајни резултати и иницирани системски промени што им овозможуваат на младите ширум земјата да стекнуваат нови знаења, да развиваат „зелени вештини“ и активно да се вклучуваат во процесите на донесување политики на локално и национално ниво.

Соработката помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и УНИЦЕФ е од особено значење во процесот на интегрирање на темите за климатски промени и заштита на животната средина во наставните програми во средното образование. Министерството обезбедува поддршка за воведување на соодветни образовни активности, како и за поврзување на училиштата со ГЛОБЕ програмата, која ја реализира МЖСПП и претставува важен механизам за практично учење и развој на еколошка свест кај младите.

„Младите не се само идни носители на одлуки – тие се денешни партнери во зелената трансформација. Преку образованието и активно учество, градиме генерации кои ќе знаат, ќе можат и ќе сакаат да ја штитат животната средина“, истакна заменик министерката Лашкоска.

Во контекст на европските зелени политики и глобалните напори за климатска отпорност, вложувањето во климатска писменост и младинско учество претставува стратешка инвестиција во одржливата иднина на државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање останува посветено на градење партнерства кои ги препознаваат младите како носители на одржлив развој и како клучни сојузници во процесот на зелена транзиција.

Мени за пристапност