Скопје, 29.04.2026 Во Министерството за животна средина и просторно планирање се одржа работен состанок со претставници од четирите национални паркови, посветен на процесот на усогласување со новиот Закон за природа.
На состанокот беше нагласена важноста од отворен дијалог и координација меѓу институциите, при што беа разменети мислења, искуства и предлози за унапредување на законската рамка и нејзината практична примена во заштитените подрачја.
Во фокусот на дискусијата беа клучните новини што ги носи законот, со посебен акцент на унапредување на управувачките механизми, зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на координацијата меѓу централно и локално ниво.
Претставниците на националните паркови ги споделија своите искуства и предизвици со кои се соочуваат во секојдневното управување, вклучително и прашања поврзани со финансирање, човечки ресурси, контрола на нелегални активности и соработка со локалното население.
Беше нагласена потребата од системски и долгорочни решенија кои ќе обезбедат одржливо управување со националните паркови и заштитените подрачја, како и доследна примена на принципите на одржлив развој и заштита на биолошката разновидност.
Учесниците се согласија дека новата законска рамка треба да придонесе кон значително унапредување на управувањето со заштитените подрачја во државата.
На крајот од состанокот беше истакната подготвеноста на сите институции активно да учествуваат во понатамошниот процес на усогласување на законските решенија, со цел воспоставување современ, ефикасен и европски усогласен систем за заштита на природата.