Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, заедно со градоначалниците на Неготино, Марија Нацева и Демир Капија, Наталија Димитриева и директорот на ЈП „Национални шуми“, Здравко Трајанов, денес – на Светскиот ден на волонтерите, 5 - ти декември – се придружија на акцијата за пошумување „Боренка“, што се одржа на локацијата „Гоцева Шума“ во Неготино, во организација на „Сојузот на извидници на Македонија“ и на ЈП „Национални шуми“, а е поддржано преку соработката со проектот GEF6 – Одржливо управување со земјиштето – проект на Министерството за животна средина и просторно планирање и UN Environment Programme.
Сојузот на извидници веќе трета година ја реализира меѓународната волонтерска акција „БОРЕНКА – Нацртај го своето дрво“, чија цел е обновување на опожарени подрачја преку вклучување на јавниот сектор, граѓанските организации и децата кои во текот на годината цртаа стебла од јаглен добиен од изгорени дрвца – симболично претворајќи ги денес во нови садници на терен.
Акцијата се спроведува со стручна поддршка на ЈП „Национални шуми“ и партнерски организации, како дел од националните напори за пошумување и обновување на шумските екосистеми.
„Денешната акција јасно покажува колку силен придонес можат да дадат младите и волонтерите, обединети преку „Сојузот на извидници на Македонија“. Нивната енергија и посветеност ја оживуваат опожарената природа и ја градат нашата климатска отпорност. Секое засадено дрво е нивна победа и наш заеднички чекор кон поздрава, европски ориентирана и одржлива иднина. Министерството ќе продолжи да ги поддржува токму ваквите иницијативи што создаваат вистинска промена на терен,“ изјави заменик министерката Лашкоска.